Достапни линкови

Канцерот во судството метастазиран до крајни граници


Опозицискиот СДСМ објави прислушувани разговори, кои, како што велат, ја покажуваат владината контрола врз судството. Се покажа дека состојбата е пострашна и од најпесимистичките сценарија, вели адвокатот Александар Тортевски.

„Средив работа да бидеш избрана, значи ќе треба да ме частиш“. „Цел живот ќе ви бидам должна“. Ова, како што тврди опозицијата, е дел од дијалог меѓу шефот на УБК Сашо Мијалков и тогаш кандидатката за судијка Светлана Костовска. Тоа е еден сегмент од разговорите кои вчера на прес- конференција ги презентираше СДСМ, а за кои, како што тврдат, се доказ оти правосудството е контролирано од тројца луѓе - Никола Груевски, Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска.

Сега граѓаните ќе дојдат до една друга крајна состојба. Сега скоро секој граѓанин, на првата расправа ако е пред граѓански суд или на првиот претрес ако е пред кривичен суд, тој прво ќе бара изземање на судијата.

По објавувањето на телефонските разговори поврзани со местењето на партиски кадри и договорањето на судски одлуки за кои опозицијата тврди дека се автентични, професор Осман Кадриу вели дека само се потврдил сомнежот на граѓаните кои одамна немале доверба во судската власт.

„Сега граѓаните ќе дојдат до една друга крајна состојба. Сега скоро секој граѓанин, на првата расправа ако е пред граѓански суд или на првиот претрес ако е пред кривичен суд, тој прво ќе бара изземање на судијата“, смета Кадриу.

Канцерот го правосудството го уфрли СДСМ, меѓутоа тие сега знаат да кажат, да, меѓутоа ние кога го уфрливме беше 1 на 1 сантиметри и ние го држевме со цитостатици под контрола. Сега е метастазиран максимално, навлезен е во малиот прст.

Долгогодишниот адвокат Александар Тортевски, пак, вели дека се покажало оти состојбата е пострашна дури и од најцрните песимистички сценарија. Првичната реакција кај ВМРО-ДПМНЕ, пак, веднаш по пуштените разговори вчера беше дека во Собранието по партиски список од кадровските комисии на СДСМ биле избрани 617 судии и уште стотина јавни обвинители. Сепак, и покрај тоа што во Македонија во континуитет се смета дека во судството се напредува по партиска линија, Тортевски вели дека состојбата е најсеризона во последниве пет-шест години.

„Канцерот го правосудството го уфрли СДСМ, меѓутоа тие сега знаат да кажат, да, меѓутоа ние кога го уфрливме беше 1 на 1 сантиметри и ние го држевме со цитостатици под контрола. Сега е метастазиран максимално, навлезен е во малиот прст“, вели Тортевски.

За да се подобри ситуацијата сега не е можно да се разрешат сите судии и обвинители, но постојат други начини, нагласува Кадриу.

„Прво треба да се поведе постапка за одговорност за носителите на судската власт и второ, крајно време е да се преиспитаат одделни одлуки за избор и на судии и на претседатели и на обвинители“, вели Кадриу.

Инаку, правосудството одамна не наидува на позитивна перцепција кај граѓаните. Во Извештајот за проценка на корупцијата презентиран од МЦМС, а изработен со поддршка од УСАИД минатата година, се наведува дека околу 74 отсто од граѓаните сметаат дека судиите се корумпирани, додека 61 отсто го мислат истото за јавните обвинители.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG