Достапни линкови

logo-print

Србија решена да ги казни воените злосторници


Апсењата во Србија на осомничени за масакрот во Сребреница се знак дека земјата е решена да ги казни воените злосторници. Ова е оценката на шефот на српската дипломатија Ивица Дациќ откако српските власти уапсиле осуммина луѓе под сомневање дека земале учество во масакрот во Сребреница.

Станува збор за први апсења во Србија на осомничени за едно од најголемите воени злосторства во Европа по Втората светска војна.

Тие биле уапсени на неколку локации во Србија и се обвинети за егзекутирање на илјада муслимани во близина на Сребреница.

Во масакрот во Сребреница беа убиени повеќе од 8 илјади муслимански мажи и момчиња откако оваа заштитена зона од Обединетите нации падна во рацете на силите на босанските Срби во јули 1995 година.

„Со овој потег Србија покажа дека е чесна во решеноста за откривање и казнување на сите кои учествувале во воени злосторства и оти ја почитува регионалната соработка со обвинителствата во другите поранешни југословенски републики и другите земји што се формираа на територијата на поранешна Југославија“, изјави Дациќ во Брисел.

Во јули годинава се навршуваат 20 години од масакрот во Сребреница и досега околу 90 насто од жртвите биле ексхумирани од масовните гробници и идентификувани преку ДНА анализи.

Судот на Обединетите нации пресуди дека масакрот во Сребреница извршен неколку денови откако силите на босанските Срби влегоа во градот, претставува геноцид.

Босанското обвинителство го поздрави апсењето наведувајќи дека операцијата била координирана со српското обвинителство.

Во јули годинава се навршуваат 20 години од масакрот и досега околу 90 отсто од жртвите биле ексхумирани од масовните гробници и идентификувани преку ДНА анализи.

На уапсените најверојатно ќе им биде судено во Србија, а не во Хашкиот трибунал, каде што им беше судено на високи лидери како на пример на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ.

Осомничените биле поранешни членови на единица на министерството за внатрешни работи на босанските Срби.

Се наведува дека меѓу нив бил и командантот на единицата Недељко Милидраговиќ познат како „Неџо касапот“.

Околу 100 илјади луѓе загинале во војната во Босна од 1992 до 1995 година до која дојде по распадот на поранешната социјалистичка Југославија.

Србија во 2008 година го уапси и поранешниот политички лидер на босанските Срби Радован Караџиќ, а во 2011 година и неговиот воен командант Ратко Младиќ.

На двајцата сега им се суди во Хашкиот трибунал за воени злосторства вклучувајќи го и масакрот во Сребреница.

Но сегашните апсења во Србија се први на оние што директно учествувале во убивањата.

Апсењата на Караџиќ и Младиќ го деблокираа српскиот обид за зачленување во Европската унија, но Белград останува под притисок на Западот да ги изнесе пред лицето на правдата сите кои извршиле воени злосторства во крвавото распаѓање на поранешна Југославија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG