Достапни линкови

„Бомба“ 11 на СДСМ: Струмица рак-рана на Груевски


Архивска фотографија - Локални избори 2013.

Архивска фотографија - Локални избори 2013.

И покрај многуте валкани и недемократски криминални дејствија, никогаш не успеаја да ја освојат Струмица. велат од СДСМ, објавувајќи разговори за изборни манипулации.

Рекет врз фирми, притисоци врз гласачи, забошотување инциденти, штанцање лични карти, да не се потпишуваат записници, да се кријат гласачки ливчиња, и други изборни манипулации кои се случувале во Струмица за време на локалните избори во 2013 објави денеска пратеникот Панче Орцев од СДСМ, во таканаречната 11 – та бомба. Од СДСМ велат дека го децентрализирале проектот „Вистината за Македонија“, за да може, вистината да допре насекаде и до секого.

По Општина Центар, денеска сме во Струмица, рак-раната на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, градот којшто и покрај многуте валкани и недемократски криминални дејствија, никогаш не успеаја да го освојат.

„По општина Центар, денеска сме во Струмица, рак-раната на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, градот којшто и покрај многуте валкани и недемократски криминални дејствија, никогаш не успеаја да го освојат“, рече пратеникот Панче Орцев.

Во разговорот, како што велат од СДСМ, меѓу Силвана Бонева и Никола Груевски, женскиот глас објаснува дека за време на изборите во Струмица, се вршело рекет од страна на пратеникот Славе Гошев.

Женски глас: Нема фирма што не е изрекетирана во Струмица. И многу лошо тоа се одрази на...

Митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица.

Митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица.

Машки глас: Кој рекетирал?

Женски глас: ...на самата кампања. Славе Гошев.

Машки глас: Од кого?

Женски глас: Славе Гошев. Фирма нема што не е изрекетирана во Струмица...

Машки глас:Чекај, ама рекет, што е рекет?

Женски глас: И веќе е сосопственик на Вега...

Машки глас: Дали они барале спонзорство? Рекет е уцена, ако не ми дадеш, ќе те затворам. А, спонзорство е спонзорство. Му викаш ако можеш помогни ми.

Женски глас: Со се. Со закани, со закани и со таксување на најневозможни нешта за зимање пари. Со се и сешто. Немаше човек што....

Машки глас: Немам таква информација од никого јас таму, да ти кажам.

Женски глас: Е па не Ви кажале. Ама Миле го подбра после Славе Гошев, и излезе така бел како крпа од состанокот, оти отворено го кажаа и од другите комитети слушнале исто, околните. Нели регионална имавме средби, и отворено кажаа оти рекетот е тргнат. И плус и тоа од УМС си беше дозволил, како го викаат, тој јас се што ви викав дека не гласам за него, се потврди на тие избори оти не треба да постои. И тоа беше тргнат од царинарник, да дипли пари од фирма на фирма и викале прво 50.000 и не кажувале што, и луѓето почнале да се жалат. Терале евра прво, па после ако не даде, на третиот пат му викале, а бе ајде за 50.000 денари ли си? И да ми викаат луѓето, а бе што не кажуваат оти 50.000 терат, нека станат, ја им ги 50.000.

Понатаму, велат од СДСМ, министрите Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески разговараат за тоа што треба да се преземе во Струмица за да го добијат градот во вториот круг од гласањето.

Женски глас: Па тоа е супер. Таму треба јако да нагазиме.

Машки глас: Треба прегласување и после знаеш што е добро? Сега не знам како е, Срцев го барав, а го прочитав сеа. Прво се прегласува, па после има втор круг? Логично е така?

Женски глас: Да, да. Оти знаеш, таму зависи дали ќе има втор круг од самото прегласување. Зошто може да падне цензусот...
Машки глас: А ако остане само Струмица, сите у Струмица тогаш топтан.

Женски глас: Еее, тогаш комплет.

Машки глас: Цела Влада у Струмица, претседатели на месни комитети да бидиме.

Женски глас: Да, да.

Машки глас: После лесно е да имаш една...

Женски глас: Е многу ми е мерак...

Машки глас: Една општина да имаш...оооо, Струмица

Женски глас: Многу ми е мерак да ти кажам.

А Гордана Јанкулоска и Кирил Божиновски, како што велат од СДСМ, зборуваат за тоа како се поткупувале гласачи во Струмица.

Женски глас: Е како делел Заев пари? Пошто нели ние да видиме како ги делел нели париве? Заев идел од куќа на куќа и колата на жена му поминала низ ромското маало. Па тоа не е делење пари. Така и Васе Пишев оди од врата на врата.

Машки глас: Да, да, да.

Женски глас: Не можеш да му забраниш. Замисли кој скандал е полиција да го приведе, него или жена му, или брат му, зошто одат од врата на врата.

Меѓу 19-те разговори објавени денеска на прес конференцијата во Струмица, има и еден од 2011 кој излегува од темата изборни манипулации, за кој од СДСМ велат дека е меѓу министерот Миле Јанакиески и тогашниот претседател на Врховен суд Јово Вангеловски. Соговорниците зборуваат за предметот Глобал, во кој лидерот на СДСМ, Зоран Заев, беше обвинет, а потоа аболициран.

Машки глас 1: Е добро. Значи за предметот Глобал..

Машки глас 2: Добро..

Машки глас 1: ..има они нели водат постапка, сега е кај мене тука

Машки глас 2: Добро...

Машки глас 1: аа ми прави проблем едниот од судиите затоа што на решението коешто е донесено од моја страна го нема твојот потпис...значи во списите на предметот...

Машки глас 2: А чиј потпис има?

Машки глас 1: Па нема ничиј празно е, ја не знам од кои причини веројатно е таков примерокот, невозможно е да нема затоа што има печат...

Машки глас 2: Може да го пушти некој на смс бројот на судијата..

Машки глас 1: Е сеа на смс ќе ти го пуштам бројчето и ако е изводливо да изорганизираш да ми пратат...

Машки глас 2: Утре ќе ти го дам на рака ќе ти го дам

Пратеникот Орцев вели дека материјалите што денеска ги објавуваат, а што е мал дел од доказите што постојат, докажува и покажува дека во Македонија нема Д од демократијата, П од правдата и С од слобода.

Реакција од ВМРО-ДПМНЕ

На прес конференцијата на СДСМ, реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, повторувајќи дека СДСМ објавува креирани, монитрани, лепени и прелепувани телефонски разговори. Во соопштението наведуваат дека Зоран Заев вршел изборно поткупување со простување долгови, закани, притисоци, со искористување на иселеници и граѓани од ромска националност за да остане на власт.

„Деструктивното сценарио на СДСМ не им поминува кај граѓаните. На сите им е јасно дека СДСМ се обидува без поддршка од народот со директна помош од странски центри да се доберат до власт“, стои во соопштението.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG