Достапни линкови

logo-print

Упорното протестирање не е донкихотска битка


Јавниот притисок дава резултати и тој не е донкихотска битка, вели претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов, кој со денови протестира пред Јавното обвинителство и пред МРТВ.

Протестите не се донкихотска битка, туку јавниот притисок дава резултати, рече денеска претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов, на протестот пред Јавното обвинителство во Скопје. Тој, заедно со неговите приврзаници, со денови протестира пред обвинителството и пред Македонската радио телевизија, барајќи националниот сервис да ја објави содржината на нелегално прислушуваните разговори, односно на „бомбите“ на СДСМ, за јавноста да може да ги чуе.

И на врапците им е јасно дека ние во Македонија имаме режим и дека Горан Петревски[уредникот на МТВ] од страв од режимот не ги емитува разговорите и дека она соопштение на Обвинителството го користи само како алиби. Јас сакам да го избијам ова алиби од неговите раце и потоа тој нема да има друго алиби, ќе мора да ги емитува разговорите и тогаш разговорите ќе допрат и до најоддалечените и најзафрлените краишта во Македонија.

Раководството на МРТВ го известило Ангелов дека не ги емитува снимените разговори што ги објавува опозицијата, затоа што има забрана од Јавното обвинителство. Затоа, тој бара одговор од обвинителството дали навистина има таква забрана.

Тој рече дека се сретнал со генералниот секретар на Јавното обвинителство, кој го известил дека во наредните неколку дена ќе може да се сретне со обвинителот Марко Зврлевски.

„И на врапците им е јасно дека ние во Македонија имаме режим и дека Горан Петревски[уредникот на МТВ] од страв од режимот не ги емитува разговорите и дека она соопштение на Обвинителството го користи само како алиби. Јас сакам да го избијам ова алиби од неговите раце и потоа тој нема да има друго алиби, ќе мора да ги емитува разговорите и тогаш разговорите ќе допрат и до најоддалечените и најзафрлените краишта во Македонија“, вели Ангелов.

Многу зависи од тоа кој протестира, за што протестира, како протестира, но зависи и од тоа со кого се соочува. Тоа на крајот може да резултира и позитивно и негативно.

Тој со денови протестира пред Македонската радио телевизија. На првите протести заедно со него имаше десетина луѓе, но тој број постојано се зголемува, па на синоќешниот протест имаше околу 100. За вечерва најавува нов протест пред МРТВ. Вели дека протестите даваат резултат и оти тоа не е дохкихотска битка.

„Јас ви личам на Дон Кихот или ви личам на гладијатор? Јас себеси повеќе се гледам во улога на Гладијатор. Погледнете го филмот Гладијатор и ќе ви стане јасно што се случува овде. Кога ќе сфатат дека јас не сум обичен гладијатор, туку дека сум Генерал-гладијатор, тогаш битката веќе ќе биде изгубена од нивна страна. Кога ќе сфатат дека ова е премногу сериозно ќе биде доцна“, вели Ангелов, кој е убеден дека протестите, односно граѓанскиот притисок ќе даде резултати.

Граѓанскиот активист Петрит Сарачини вели дека има неколку фактори од коишто зависи дали некој протест, односно упорното протестирање ќе даде резултат. Посочува дека упорното протестирање на студентите даде резултати, но од друга страна, протестите против полициска бруталност и протестите на граѓанското движење АМАН, не ги дадоа бараните резултати.

„Многу зависи од тоа кој протестира, за што протестира, како протестира, но зависи и од тоа со кого се соочува. Тоа на крајот може да резултира и позитивно и негативно“, вели Сарачини.

Движењето на Ангелов го предупредува, како што вели, нелегитимниот јавен обвинител дека поради непреземањето на дејствија против сторители на тешки кривични дела од областа на организираниот криминал (претседателот на Владата, министри во владата и други високи функционери) може да сноси кривична одговорност за злоупотреба на службената положба и овластувања. Тие исто така бараат оставка од обвинителот Зврлевски.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG