Достапни линкови

Ромите од Средорек на мост чекаат каква било работа


Macedonia - Roma from Kumanovo waiting for someone to call to do physical work.
Macedonia - Roma from Kumanovo waiting for someone to call to do physical work.

Велат дека немаат друг избор, освен да се надеваат дека некој ќе ги повика да сработат нешто и да обезбедат барем леб за нивните многучлени семејства. Декадата на Ромите завршува, а нивниот живот останал непроменет. Тежок.

Загледани во матната вода на Кумановка,некогаш молчеливи со поглед во далечина, некогаш револтирано зазборени, главно младите кумановски Роми од Средорек стојат од десната страна на мостот на излез од градот и чекаат. Велат дека немаат друг избор, освен да се надеваат дека некој ќе ги повика да сработат нешто и да обезбедат барем леб за нивните многучлени семејства. Декадата на Ромите завршува, а нивниот живот останал непроменет. Тежок.

Живееме од социјална помош, без работа. Имам три деца и четири внуци. Нема работа. Има за некој со школо, а сите Роми немаат школо. И да има школо мора да има силни врски, без партиски врски ништо.
Анкетиран граѓанин.

„Живееме од социјална помош, без работа. Имам три деца и четири внуци. Нема работа. Има за некој со школо, а сите Роми немаат школо. И да има школо мора да има силни врски, без партиски врски ништо.“

РСЕ: Помагаат ли ромските невладини организации?

„Што ќе помагаат, ако има нешто добро, ако не, нема ништо. И плус сега ако некој од фамилија од странство ти помага, не смееш да ги земеш парите. Веднаш ти ја кинат социјалната помош. А работа нема, со две илјади денари десет души може ли да се живее?.“

„Не примам ни социјално, ни ништо. Жена ми е болна од астма. Од Општина никој не доаѓа, а поплавата ни ги однесе работите. Сметки доаѓаат. Тоа е.“

„Дете има пет деца, во влага живее, а не зема социјална помош. Социјалното го скинаа, затоа што од Германија некој пратил пари. “

Не смееме да одиме преку граница. Зошто ни даваат пасоши и документи? Тоа е нашиот проблем, ние мораме да бегаме кога немаме работа. Барем по еден член од фамилија да има вработен. Ние не бараме работа со компјутери, туку со копач и со лопата.
Анкетиран граѓанин.

РСЕ: Зошто го скинаа социјалното?

„Еднаш годишно 30 евра што му пратија, му го скина социјалното. “

„Ги молиме роднините да ни пратат 50 евра, а тука ни го укинуваат социјалното. Со две илјади денари не можеме цел месец да излеземе на крај. Едно дете да оди на школо да го облечеш и да јаде колку треба, само за него 30-40 евра. А за останатите?“

„За избори доаѓаат. И уште за гласање Циганите ќе ги носат за уво, велат за нив тоа е мал проблем“, велат анкетираните граѓани.

Разочарани се и револтирани Ромите и додаваат дека не само во Македонија, туку секаде во светот тие се дискриминирани. Дури како што велат, секаде ги сметаат како камења, кои кому како ќе му затреба само ги поттурнуваат. А тие се луѓе и сакаат да живеат како останатите.

„Не смееме да одиме преку граница. Зошто ни даваат пасоши и документи? Тоа е нашиот проблем, ние мораме да бегаме кога немаме работа. Барем по еден член од фамилија да има вработен. Ние не бараме работа со компјутери, туку со копач и со лопата.“

Ги обвинуваат политичарите.

„Сẻ се лопови. Се меѓу себе си ги делат парите. Додека да го гласаш ако треба ќе ти клекне, а штом ќе добие веќе не го интересира. За никого не мислат,само за себе.“

„Ние сме млади треба да работиме државна работа, а не по канти и по шишиња да собираш. За двесте денари дневно,нема ниту за храна, ниту за други потреби.“

Има Роми кои завршиле и некакво школо, знаат странски јазик,а сепак на „берзата на трудот“ чекаат некој да ги повика за физичка работа. За да преживеат некои од нив се принудени да питачат, некои дури да крадат, но тоа не е никакво решение.

Преку мостот секогаш е фреквентно, а Ромите кои чекаат работа раскажуваат дека на секој минувач му се загледуваат во очите, оти се надеваат дека ќе ги повика нешто да му сработат. Само за парче леб, барем за тој ден.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG