Достапни линкови

Жестока расправа за буџетот на Општина Битола


Совет на Општина Битола.
Совет на Општина Битола.

Опозицијата критикуваше дека сè уште има неасфалтирани улици, не се вложувало доволно во туризмот, а образованието тонело во долгови. Власта возврати дека буџетот понудил одржлив развој на градот.

Жестока расправија во битолскиот Совет предизвика финансискиот извештај за работењето на општината во 2014 година. Опозицијата критикуваше дека не се реализирани капиталните проекти, дека низ градот сè уште има неасфалтирани улици, не се вложувало доволно во туризмот, образованието тонело во долгови и ред други работи. Советниците од власта возвратија дека буџетот понудил одржлив развој на градот.

Улица во Битола во 21 век со кал, не до колена, туку низ неа не може да помине човек ни со чизми. Ова е срам за Битола. Ова не е Битола каква што заслужуваат битолчани.
Наташа Петровска, советничка од СДСМ.

Зоран Стојчевски и Наташа Петровска од СДСМ, Габриела Илиевска од ВМРО-НП и Александар Касапов од ЛДП со забелешки:

Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

„Од капиталните објекти што ми падна во око, во една ставка во презентацијата го спомнувате киното Манаки. Таму во последно време ништо не се работи. Потрошени се 30 милиони денари, а киното Манаки како саркофаг на Широк Сокак сè уште стои, како мртва природа. Кога ќе го доградите не знам. Рокот беше 2014 година“, вели Стојчевски.

Од ова може да се констатира високиот степен на тековна ликвидност на општината.
Соња Карапашовска, советничка од ВМРО-ДПМНЕ.

„Улица во Битола во 21 век со кал, не до колена, туку низ неа не може да помине човек ни со чизми. Ова е срам за Битола. Ова не е Битола каква што заслужуваат битолчани“, вели Петровска.

„Не ми е јасно како Општина Прилеп нема блокирани сметки на училиштата. Нека оди нашиот градоначалник кај неговиот колега Марјан Ристески, па можеби ќе ни тргнат работите во образованието“, вели Илиевска.

„Програма поттикнување на развој на туризмот, реализација нула проценти. Замислете, предвидени катастрофални 500 илјади денари и над сето тоа реализација нула проценти“, реагира Касапов.

Коалицијата на власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ смета дека ова се обвинувања за лов на политички поени. Велат дека киното ќе се доизгради, а во изминатата година биле решени голем број на комунални проблеми. Советничката Соња Карапашовска рече дека никој нема право да се сомнева во вистинитоста на буџетот подготвен од општинската администрација.

„Немаме право никој да се сомневаме во еден извештај кој е скорен по сите правила, законски норми и од една општинска администрација. Од ова може да се констатира високиот степен на тековна ликвидност на општината. Работењето на општината и реализацијата на буџетот за 2014 година ги задоволува процентите кои се вообичаени за реализација на буџет во сите општини на Македонија“, истакна Карапашовска.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG