Достапни линкови

Деноноќија на Андријана Ананиева во „Концепт 37“


Педесетина рачно изработени дела во техника хартија и конец ќе бидат претставени на самостојната изложба „Деноноќија“ на Андријана Ананиева што од денеска, па во наредните десетина дена, ќе се одржи во Концепт 37 во Скопје. Ова е второ претставување на нејзиниот единствен, интимен концепт, кој почива многу повеќе на умешноста, на занаетот, отколку на она што денес се нарекува уметност.

Не многу по нејзината прва изложба од пред две години кога со невообичаениот вез на хартија за мнозина беше вистинско изненадување и освежување на традиционалната сцена, Андријана Ананиева се реши наново да ја сподели својата имагинација и вештина со публиката. Овој пат под наслов „Деноноќија“, во Концепт 37, таа претставува педесетина дела настанати главно во изминатава година.

Во оваа изложба сакам да избегам малку од симетријата. Да донесам нешто поинакво. Затоа овде има различни инспирации и различни мотиви. Го има и пејзажот и архитектурата, има и соодветни, дури и ангажирани пораки.

За нив Тони Димитров пишува дека ѝ припаѓаат на техника која е многу посвојствена за умешноста, занаетот, отколку за она што денес го нарекуваме уметност. Тој вели дека делата зрачат со својата „префинетост и нежност здобиена од рацете, иглата и умешноста на авторката“ и дека таа овој пат делумно ја напушта симетријата, а акцентот го става на архитектурата, симболите, орнаментите, па дури и пејзажите, преку кои сака да испрати соодветна идеолошка, критичка порака и да искаже свој став“.

Андријана Ананиева.

Андријана Ананиева.

Од друга страна, Јана Колева, пак, забележува дека „чувството кое ве обзема додека ги гледате овие везови е вонвременско, еднакво чудно како што е чудно што самата техника е најпрвин отсонувана, а потоа применета“. Така, потенцира таа, „сосема едноставно можете и вие да западнете во тоа вонвременско делирично чувство, патувајќи низ тие комплексни, од свилен конец извезени лавиринти, кои ете, би можеле да се метафора и на самиот живот“.

Идејата си се роди сама од себе. Веројатно како резултат на моите талкања по музеите по Америка и Европа. Ете, како отпечаток останало во мене.

„Во оваа изложба сакам да избегам малку од симетријата. Да донесам нешто поинакво. Затоа овде има различни инспирации и различни мотиви. Го има и пејзажот и архитектурата, има и соодветни, дури и ангажирани пораки. Сметам дека уметникот денеска има потреба да биде ангажиран. Ангажиран во смисла да прави ангажирана уметност којашто ќе донесе некоја порака. А, мојата порака во случајов е дека мораме да се активираме за промени“, вели Ананиева.

Инаку, таа е сестрана личност и неуморен дух. Девојка полна со енергија. По професија е дипломиран професор по италијански јазик и книжевност со американски студии на Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Згора на тоа има завршено и родови студии на Институтот „Евро-Балкан“, за потоа да продолжи со изучување правни студии, француски јазик, светска музика и слични курсеви во САД и во земјите во кои престојувала.

Досега има работено како новинар, наставник, практикант и друго, а себеси најмногу се пронаоѓа во пишувањето и во рачните изработки.

„Идејата си се роди сама од себе. Веројатно како резултат на моите талкања по музеите по Америка и Европа. Ете, како отпечаток останало во мене. И така, еден ден кога живеев во Данска од нигде никаде ми се појави желба да се изразам преку конец и хартија. Зедов обичен конец и хартија, не го ни нацртав она што го мислев, почнав да везам и излезе опашка на риба. Го направив тоа и од таму почнаа да се нижат една по друга формите. Прво беа апстрактни теми, мртва природа, сè додека не станаа симетрични. Почнав да копам дали некој некаде ја употребува ова техника и дојдов до сознание дека таа како практика е непозната во светов. Конечно како мала баба ми ме учеше да везам и веројатно од тоа останало нешто запишано во мојот генетски код“, појаснува авторката.

Ананиева дополнува дека во иднина има идеја да отвори свој клуб за везење („везењето може да биде некој вид смирувачка терапија“), а желба ѝ е своите дела да ги претстави на интернационалната уметничка сцена.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG