Достапни линкови

Правна разврска на кризата со нов обвинител


СДСМ не верува во правна разврска на аферата „Прислушување“ додека на чело на обвинителството е Марко Зврлевски.

Не може да се надеваме на правна разрешница во држава во која имаме партизирани институции, тврди опозицискиот СДСМ, според кој единствениот излез од актуелната криза е политичката завршница. Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов уверува дека еден од условите за правна разрешница е оставка на јавниот обвинител Марко Зврлевски од функцијата.

После неговата оставка може да зборуваме за реконструкција на институциите, коишто ќе работат согласно законските одредби, а не согласно од претставниците на извршната власт, во овој случај Никола Груевски, за да може да стане збор за каква било правна завршница.

„После неговата оставка може да зборуваме за реконструкција на институциите, коишто ќе работат согласно законските одредби, а не согласно од претставниците на извршната власт, во овој случај Никола Груевски, за да може да стане збор за каква било правна завршница“, изјави Шилегов.

Јавниот обвинител Марко Зврлевски.

Јавниот обвинител Марко Зврлевски.

Тој тврди дека токму затоа во овој момент не може да се дојде до правна разврска на кризата, затоа што, како што вели, до толкава мера се партизрани државните институции што не работат во согласност со своите овластувања, туку по нарачка на власта. Во таа насока сè додека не се смени јавниот обвинител, опозицијата не верува дека се поголеми шансите за правна завршница дури и со меѓународни експерти.

Оваа корелација на односи меѓу владата и органите кои се под директно влијание на владата, а тоа да речеме е судската власт, никогаш нема да биде решено со овој состав и со овие органи.

„Токму Никола Груевски во неговиот вчерашен говор го потврди она што ние цело време го тврдиме. Во еден дел од говорот спомена дека дури и братот на Зоран Заев да бил јавен обвинител, кога ќе ги видел доказите со коишто се располага ќе се засрамел и тука се поставува логичното прашање – кој е Никола Груевски за да знае со какви докази располага Јавното обвинителство на Република Македонија“, вели Шилегов.

Заблуда е да се мисли дека нашите органи имаат правен капацитет и кондиција, самостојно и непристрасно да стават политичка разрешница на актуелната криза, велат правните експерти. Постојаното откривање на незаконски активности и криминални дејства во кои, како што тврди опозицијата, се вклучени највисоките претставници на актуелната власт, не смее да помине без правен епилог, а тој не е можен со истите луѓе на одговорните позиции во судските органи и обвинителството, смета професор Осман Кадриу.

„Оваа корелација на односи меѓу владата и органите кои се под директно влијание на владата, а тоа да речеме е судската власт, никогаш нема да биде решено со овој состав и со овие органи“, вели тој.

Кадриу смета дека ефектот од помошта која ја побара Јавниот обвинител од странски експерти околу истрагата за случајот Пуч, ќе зависи од тоа каква ќе биде нивната улога. Односно дали тие ќе имаат улога само на набљудувачи или ќе се вклучат директно во процесот на расудување и донесување на одлуки.

„Резултат ќе има единствено ако на тие позиции се изберат други органи или евентуално странски органи, ама во улога тие да ги пресудуваат конкретните предмети“, изјави Кадриу.

И додека опозицијата инсистира на формирање преодна влада која ќе доведе до спроведување на нови избори, а со тоа политички ќе понуди излез од актуелната ситуација, премиерот Никола Груевски вчера изјави дека преодна влада ќе се случи, но само без ВМРО-ДПМНЕ во неа. Според него, јавниот обвинител е важно да се однесува по словото на законот, а за политичката ситуација најави правна разрешница во согласност со законите во државата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG