Достапни линкови

logo-print

Неделниците полни со текстови за прислушувањето и политичката криза


Во име на жртвите, Заев ќе мора да направи компромис со џелатот?, пишува Фокус. Република смета дека во Македонија има специјална војна, а Глобус дека фашизмот и вистината не одат заедно.

Фокус - Во име на жртвите, Заев ќе мора да направи компромис со џелатот?

Ниту за очекување Груевски да се откаже од премиерската фотелја, дури и да прифати некакви политички отстапки, во состојба кога неговата моќ сè уште доминира, а меѓународниот фактор бара политички дијалог.

„Додека политиката го гази правото“, „Изборниот криминал се прави со 200 илјади фиктивни гласачи?“, „Партиски театарски патрдии“ - сиве овие се наслови на текстови и анализи во Фокус, по осмата „бомба“ објавена од лидерот на СДСМ, Заев. Во анализата, пак, наречена „Долго патување кон слободата“, авторот во насловот поставува теза која завршува со прашалник: „Во име на жртвите, Заев ќе мора да направи компромис со џелатот?“ Тој, покрај другото, забележува дека „бомбите“ драматично го делегитимирале владеењето на Груевски, но прашање е, вели, дали во овој миг се политички изводливи барањата на СДСМ за оставка на владата и јавниот обвинител и за формирање преодна влада што ќе подготви нови избори. Авторот смета дека не е ниту за очекување Груевски да се откаже од премиерската фотелја, дури и да прифати некакви политички отстапки, во состојба кога неговата моќ сè уште доминира, а меѓународниот фактор бара политички дијалог, смета Фокус.

Република - Специјална војна

Специјалната војна е силно оружје на помоќните држави, и во регионот и во светот за да ги одржат позициите што се нивна сфера на интерес, и тоа преку дестабилизирање на државата, односно преку провоцирање внатрешно незадоволство или немири за присилување на државата на дипломатски отстапки.

Република, исто така, посветува неколку анализи на актуелната политичка криза, од свој агол на гледање. „Зошто Димитров ја спасува ВМРО-ДПМНЕ“, „СДСМ класика - криза како виза за власт“, „Сите што прислушувале илегално нема да куртулат“ - се некои од насловите во неделникот. Во уводникот, пак, Република пишува за „Специјална војна“ за, покрај другото, да го поврзе објавувањето на аудиоснимките од наводно прислушуваните разговори што ги обелоденува СДСМ и нејзиниот лидер со таа специјална војна, која денес, не е тајна, како што пишува, е силно оружје на помоќните држави, и во регионот и во светот за да ги одржат позициите што се нивна сфера на интерес, и тоа преку дестабилизирање на државата, односно преку провоцирање внатрешно незадоволство или немири за присилување на државата на дипломатски отстапки, предупредува Република.

Глобус - За лагата и за велемајсторите на измамата

За пропагандата, „За лагата и за велемајсторите на измамата“ пишува во Глобус, во една од колумните, во која се потсетува дека фашистичкиот концепт на пропаганда и владеење бил поставен врз лагата, заблудата и измамата. Затоа, „фашизмот и вистината не одат заедно!“, извикува авторот за да наведе дека Македонците како да се дојдени во фаза на целосна самопрелага. „Се лажеме себеси дека нема фашизам, дека живееме во најубавата држава на Планетава, дека нема корупција, дека сме 'антички и библиски' народ, дека 'Бранко е крив за сè', дека сме важни и најважни, што сите се трудат токму нас да нè прислушуваат, блокираат, шпионираат и уништат... Зарем мнозинството може да поверува дека тие што ги имаат државните пари, војската, полицијата, администрацијата..., се невини 'добротвори' кои некој сака да ги симне од власт? Живееме во земја во која лагата е средство за владеење“, потсетува Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG