Достапни линкови

logo-print

Трајанов - Масовното прислушување специфично за авторитарни држави


Овие работи се специфични само за авторитарни држави, тогаш кога тој што практично ја води државата сака да има информации, да навлезе во интимата на секој граѓанин, на секој носител на јавна функција, вели претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Трајанов, вие претпоставувам сте ги слушале материјалите или дел од нив, што ги објавува опозицијата. Какво е вашето лично мислење, креирани ли се тие материјали?

Мислам дека се работи за материјали добиени од системите за прислушување и тие се основа за да се преземе една темелна истрага. Јавниот обвинител мора да спроведе една опширна, јавна, транспарентна истрага и тие информации коишто се презентирани на еден или на друг начин да ги документираат и зависно од тоа дали ќе се покажат како точни информациите, да спроведат соодветна постапка, се основа за проширување на активностите на Јавниот обвинител или продлабочена истрага. Инаку нема сомнение дека се работи за автентични материјали и тие материјали треба да бидат предмет на една сеопфатна анализа.

Бевте прв човек на МВР и долги години кариерата ја градевте во редовите на МВР. Можно ли е, според вас, некој да прислушувал години по ред без за тоа да знае раководството на МВР?

Сега е дилемата околу тоа дали постојат странски служби или странска држава која сака да ја разнебити Македонија по сите основи, вклучително и да го загрози и територијалниот интегритет. Мислам дека проблемите се домашни, автентични, македонски проблеми и ние треба да најдеме сила да се соочиме со овие предизвици и да направиме сè до крај да се расчистат работите. Според досегашните информации со кои е информирана јавноста, повеќе од јасно е дека системите за прислушување на Република Македонија се злоупотребени или употребени, така што одговорноста паѓа на власта, бидејќи државата е таа која мора да има контрола врз тие системи, а уште полошо доколку граѓаните не се заштитени од странски разузнавачки служби да можат тие сите да не прислушуваат.

Ве прашувам лично, доколку вие бевте на место на Јанкулоска ќе си поднесевте ли досега оставка?

Знаете, мислам дека полека е нагризан интегритетот на повеќе министри, вклучително и на министерот за внатрешни работи и тоа е личен чин, оставката, доколку некој чувствува лична одговорност од морални причини, тоа треба да го направи во спротивно, мислам дека парламентот треба да отвори расправа, сериозна расправа, и да го утврди степенот на одговорност на секој носител на јавна функција и да донесе соодветни заклучоци. Ние мора да го расчистиме до крај овој случај или оваа мега афера за да не се повтори никогаш повеќе. Значи, ние постојано имаме злоупотреба на овие системи, од 90-тите години наваму постојано имаме и никогаш докрај не сме ги расчистиле. Знаете овие работи се специфични само за авторитарни држави, тогаш кога тој што практично ја води државата сака да има информации, да навлезе во интимата на секој граѓанин, на секој носител на јавна функција и мислам дека тоа е погрешниот пристап и резултат на еден таков начин на владеење се случуваат вакви работи.

Дел од материјалите што ги презентираше опозицијата беа поврзани со, како што велат, криминалот и малверзациите коишто се случувале поврзани со изборите во 2011 и 2013, првите локални и вторите предвремени парламентарни избори. Вие на парламентарните избори во 2013 настапивте на листата на ВМРО-ДПМНЕ. Сметате дека вашето место е чесно заработено?

Ние сме, Демократски сојуз, од 2005 е во состав на коалицијата „За подобра Македонија“, значи генерално гледано прво мислам дека апсолутно немало никаква потреба од кршење на изборните правила. Секој што ги кршел тие правила, што вршел притисоци или штанцал лични карти за да обезбеди поголем број на гласачи, мислам дека апсолутно направиле голема грешка, ниту имало потреба, бидејќи кампањата што ја водеше Демократскиот сојуз заедно со коалиционите партнери, зборувам за она што ние бевме информирани, беше сосема согласно постоечките правила и прописи, така што апсолутно не чувствувам одговорност, ниту, пак, е нарушен мојот интегритет како пратеник, затоа што некој друг се дрзнал да ги крши правилата, тоа не го поддржувам и барам сосема јавно, повикувам работите докрај да се расчистат и сите оние што се инволвирани, ако тоа се докаже тоа во една законска процедура, за тоа треба да сносат одговорност. Јас длабоко сум убеден дека без тие малверзации коалицијата „За подобра Македонија“, ќе однесеше победа. Немаше потреба од вакви, да не кажам, глупости коишто се правени преку правење списоци, вршење притисок, уште помалку да се носат луѓе од странство, од Пустец за да гласаат овде. Тоа категорично го отфрлам и со индигнација ги отфрлам сите можни обвинувања на сметка на целината на коалицијата, на сметка на цел ВМРО-ДПМНЕ.

Секој пратеник што се кандидирал има договор со носечката партија дека треба да остане во коалиција, ова е ваша изјава од пред неколку години. На таканаречените во јавноста популарни меници ли мислевте со ова изјава?

Сите политички партии во коалицијата имаме договор за заеднички настап и има одредени обврски што ги преземаат политичките партии, сите заедно, тоа сосема е извесно и јасно, но нема таква уставна, законска обврска да се наметне кон која било политичка партија или кој било пратеник, значи позицијата или функцијата пратеник е неотповиклива, не може никој да го тргне од таа позиција освен сам ако не си поднесе оставка, оставката се поднесува лично на седница на парламент и пратеникот може да образложи зошто поднесува оставка, сè друго се шпекулации и можни злоупотреби на целиот систем. Мислам дека околу овие прашања сосема е јасна ситуацијата и не треба да има дилеми. Партиите самостојно одлучуваат во каков договор ќе влезат за заеднички настап, кои обврски ги преземаат, како ќе се води кампањата, кој ќе ги сноси трошоците и се разбира дека тука има обврски на сите политички партии.

Слободни ли се пратениците од владејачката коалиција да ја напуштат коалицијата кога сакаат?

Апсолутно. Демократскиот сојуз има стратешки договор, потпишана стратешка повелба со ВМРО-ДПМНЕ на некои основни принципи, владеење на правото, евроинтеграциските процеси, заедно да се движиме кон Европската унија и НАТО, натаму ефикасна борба против корупцијата, криминалот, против тешките облици на криминал, слобода на медиумите, трансформација на судскиот систем. Ние на тие основи сме воспоставиле соработка и сè дури тие се основни принципи...

Задоволни ли сте како се исполнуваат тие принципи?

Секогаш во секоја ситуација, кога сметаме дека одредени предлози што доаѓаат од владата или од владејачката партија, ако не се сложуваме, ние настапуваме со поинакви, со поразлични ставови. Но, тешко, како што нагласив, многу тешко, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ многу тешко прифаќаат идеи од другите политички партии. Сепак, се работи за различни политички партии и никоја друга политичка партија не сака да даде простор за други да се шират, да бидат препознатливи, да имаат повеќе симпатизери, гласачи.

Господине Трајанов, каде го гледате излезот од сегашната актуелна криза, освен она што го зборувавте за парламентот, значи генерално во општеството?

Ова криза мислам дека ќе се продлабочува и оваа политичка борба меѓу двете водечки партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со своите коалициони партнери ќе продолжи. Ние сме сведоци на една војна во која ќе се користат сите можни оружја, но јас апсолутно се сложувам да ја водат оваа војна политичките партии, оваа политичка борба, носителите на високи позиции во партиите. Личен проблем за Република Македонија е што оваа војна ја водат медиумите, имаме ние силна пропаганда, манипулативна кампања, граѓаните се во целосна конфузија, не се сигурни, поставуваат прашања за иднината на државата, има стравувања дека штотуку не дошол некој да ја нападне Македонија, дека ја разоруваат странски сили, странски служби што апсолутно не е точно. Треба да се воспостави политички дијалог, треба да започнат политичките партии да разговараат и да изградат една стратегија како да се надмине ваквата состојба. Јас сум сигурен дека на крај, без разлика на степенот на конфронтација што е присутна сега во Република Македонија, ќе мора политичките партии да седнат на маса и да разговараат и да дојдат до договор и се разбира бидејќи судскиот систем е во колапс, кредибилитетот е нарушен, мора прво да има политичка разрешница, се разбира дека таа разрешница мора да биде, најверојатно на крај ќе биде со вонредни парламентарни избори и повторно да се градат институциите во државата и судовите да судат согласно Уставот, законите и врз основа на докази, а не под политички притисоци и влијанија. Сега ние имаме инсталации и од опозицијата и од власта во судовите и никој не е сигурен дека на судските одлуки ќе бидат поткрепени со реални факти и докази, дека тука нема да има влијание од политиките партии, значи судовите или судскиот систем не е резистентен на политички или на друг вид на влијание. Тоа е клучен проблем и затоа сметам дека стратегијата треба да биде расправа во парламентот, политички договор, вонредни избори и после тоа да започне кривично – правниот процес за сите за коишто има сомненија дека на еден или на друг начин го кршат Уставот, инаку на сите нас ни е загрозена приватноста. Замислете вие сега дали смеете на кој било начин јавно да го нападнете дали било ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ кога ви се заканува, имаме сериозна закана дека ќе објават меѓу другото материјали од вашите приватни разговори.

Вие лично чувствувате закана?

Јас не, лично не чувствувам никаква закана. Зборувам како граѓанин, како граѓаните го чувствуваат тоа, значи може утре Зоран Заев да ви презентира разговори од приватниот живот, нарушена е приватноста, затоа што не само претседателот на СДСМ преслушал голем дел од материјалите, сега многумина околу него зборуваат дека и тие ги слушале материјалите, што е апсолутно неприфатливо, тоа е надвор од какви било цивилизациски вредности да му навлегувате во интимниот живот на кого било, во приватните релации и да зборувате по ресторани, на разни средби дека вие знаете за тој какви релации има, мислам дека за тоа, за таквата провала на овие материјали одговорност треба да сносат и тие што се вработени во МВР, но исто така ќе си сноси одговорност и тој што ги презентира, бидејќи не е овластен тој да ги има тие материјали и со нив постојано да се заканува на секој граѓанин, мислам дека тоа не е во ред и мора да се реши системски.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG