Достапни линкови

Партиски препукувања за гасоводот


Предвидениот магистрален гасовод делница Клечовце - Блок станица 5 во должина од 61 километар, дел од проектот за изградба на Националниот гасоводен систем во Македонија, според СДСМ, е еден од низата проекти кои ќе доживее само лопата.

Според СДСМ, ова е најскап гасовод и досега беше потребно да се направи се за да се дојде до нов извор на гас, што ќе ја намали цената и ќе им овозможи на граѓаните и фирмите поевтин и поеколошки енергенс.

Партијата прашува зошто Европската банка за обнова и развој не е вклучена во проектот иако се најавуваше и дали е точно дека фирмите СГС Транспорт и Дени Шпедиција се вклучени во логистиката за доставување на цевките за изградбата овој гасовод.

Во партиското соопштение, се наведува уште дека со денешниот настан се дефокусира јавноста од скандалите кои ја тресат Владата.

ВМРО-ДПМНЕ реагира дека СДСМ нема ниту еден проект зад себе.

„Дрскост е тоа што СДСМ, партијата која нема ниту еден проект зад себе, ги критикува тие кои што градат и што имаат оставено многу проекти зад себе. Во време на СДСМ не се градеа ниту гасоводи, ниту патишта, ниту железнички пруги или било каква друга инфраструктура“, наведува ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата на соопштението на опозициската партија.

XS
SM
MD
LG