Достапни линкови

Почна изградбата на гасоводот Клечовце - Штип


Во кумановското село Клечовце денеска почна изградбата на магистралниот гасовод делница Клечовце - Блок станица 5, дел од проектот за изградба на Националниот гасоводен систем во Македонија. Првиот дел од гасоводот во должина од 61 километар ќе го гради руската компанија „Стројтрансгас“. Вредноста на инвестицијата изнесува 75,7 милиони долари, од кои 60 милиони произлегуваат од подмирувањето на клириншкиот долг.

Плановите и заложбите на Владата се гасификацијата на градовите да почне следната година, а до 2022 година комплетна изградена гасоводна мрежа на целата територија на државата.

На почетокот на градежните работи присуствуваа премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Зоран Ставрески, министерот за транспорт Миле Јанакиески, директорите на Македонските енергетски ресурсии на Стројтрансгас, Крсте Миладинов и Олег Ширгејев и амбасадорот на Руската федерација Олег Шчербак.

Изградбата на гасоводот, според владините претставници, е од големо значење за Македонија и ќе овозможи гасот да биде достапен насекаде низ државата.

Следните делници кои планираме да се градат се од Штип до Кавадарци преку Прилеп до Битола и Охрид, од Штип до Радовиш-Струмица-Гевгелија сè до границата со Грција, од Струмица преку Ново Село до границата со Бугарија, од Скопје-Тетово-Гостивар преку Кичево -Струга до Ќафасан и границата со Албанија, истакна Груевски.

Трасата на новиот гасовод од Клечовце, според проектот, треба да биде приклучок на постојниот гасовод Крива Паланка - Скопје. Оттаму ќе се движи кон Свети Николе, кое ќе биде заобиколено, а предвидено е да има приклучно место за крак кон градот и кон Велес. Понатаму гасоводот ќе поминува во близина на индустриската зона во Штип. За останатиот дел од трасата до Неготино и Кавадарци треба да се обезбедат дополнителни финансии. Освен Штип, со гасовод треба да бидат поврзани и Кавадарци, Прилеп, Битола, Тетово и Гостивар. Предвидено е гасоводот да се поврзе и со термоелектраната „Неготино“ која од мазут ќе почне да функционира на гас.

XS
SM
MD
LG