Достапни линкови

Власта продолжува да троши „за чоколадо“


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Власта постојано се задолжува за да враќа стари долгови, но во исто време не се откажува од милионските трошења за маркетинг кампањи.

Владата се задолжи за нови 95 милиони евра за да врати долг од 47 милиони евра. На 10 март владата позајми скоро 76 милиони евра издавајќи 12-месечни хартии од вредност со камата од 1,7 отсто. Истиот ден беа издадени државни обврзници од 13,3 милиони евра со рок на достасување од 15 години и камата од 4 отсто и државни обврзници од 5,4 милиони евра со рок на достасување од 10 години и камата од 3,8 отсто. Претходно беше најавено позајмување на 33 милиони евра, но државата позајми три пати повеќе. Ден подоцна доспеа за враќање кредит од 47 милиони евра.

Јас не би сакал да коментирам ништо повеќе од тоа што го кажа министерот за финансии Зоран Ставрески во приватен разговор со министерката за внатрешни работи дека ние немаме ни за леб, а трошиме на чоколадо. Факт е дека расипништвото продолжува.

Државата и минатата недела се задолжи на домашниот финансиски пазар за 21 милион евра, но за разлика од последната, таа аукција не беше најавена во календарот на Министерството за финансии, но веднаш потоа владата врати долг од речиси 45 милиони евра. Пред две недели, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески се пофали дека владата предвремено го врати кредитот кон ММФ од 174 милиони долари.

Во ситуација кога имаме толку поголеми проблеми, кога деца ни умираат зашто немаме 30 илјади евра да ги пратиме на лечење, да се фрлат милион евра на рекламна кампања, благо кажано, би рекол дека е забегано.

Критичарите на владините економски политики велат дека владата не сака да ги намали непотребните трошења и поради тоа се задолжува. Во меѓувреме, Агенцијата за електронски комуникации објави јавен повик за изработување и промовирање на стратегија за подигање на свесноста кај јавноста за улогата и функцијата на Агенцијата за електронски комуникации и сите нејзини услуги во вредност од еден милион евра. Речиси иста сума за маркетинг, АЕК троши и во изминатите години. Економскиот аналитичар Висар Адеми вели дека трошењата за реклами се обид за одржување на имиџот на земја во која сè е во ред.

„Јас не би сакал да коментирам ништо повеќе од тоа што го кажа министерот за финансии Зоран Ставрески во приватен разговор со министерката за внатрешни работи дека ние немаме ни за леб, а трошиме на чоколадо. Факт е дека расипништвото продолжува“, вели Адеми.

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ вели дека нема ништо невообичаено во редовното задолжување и раздолжување од Министерството за финансии и оти предвременото враќање на кредитот кон ММФ е главно заради тоа што се очекува доларот да расте и со тоа долгот да станува повисок.

„Сè е тоа легитимно, вработените во Министерството за финансии направиле проценки и донеле одлука дека тоа е најдобрата солуција. Од друга страна, трошењата пари за реклами од страна на АЕК или кое било друго владино тело, јас би кажал дека тоа е истата онаа приказна што ја кажа министерот за финансии пред некое време за чоколадо и за леб. Во ситуација кога имаме толку поголеми проблеми, кога деца ни умираат зашто немаме 30 илјади евра да ги пратиме на лечење, да се фрлат милион евра на рекламна кампања, благо кажано, би рекол дека е забегано“, вели Јовановиќ.

Во еден од нелегално снимените телефонски разговори што ги објавува опозицијата се слуша како премиерот, според СДСМ, бара преку АЕК да се плати долг за документарни филмови. На друг разговор, според СДСМ, Ставрески се жали дека „трошиме на чоколадо, а немаме леб дома“ и оти во буџетот нема пари. Ставрески потоа излезе на прес-конференција и рече дека снимките не соодветствуваат со реалноста и економијата е во добра кондиција.

„Никакво грчко сценарио, никакво сценарио за банкрот, никакво сценарио за крах на македонската економија нема да се реализира. Напротив, буџетот и македонската економија се во одлична кондиција“, рече Ставрески.

Во јануари годинава буџетскиот дефицит бил 36 милиони евра. Владата за цела година предвиде да потроши 300 милиони евра повеќе од што ќе собере од даноци и други давачки.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG