Достапни линкови

Груевски: Граѓаните одлучуваат кој ќе биде во Владата


Премиерот Никола Груевски, одговарајќи на новинарски прашања за последните барања од опозицијата, изјави дека граѓаните одлучуваат кој ќе биде во Владата, а не претседателот на СДСМ Зоран Заев. Груевски, за главното барање на Заев за формирање на преодна влада и оставка на Владата порача, дека за тоа одлучуваат граѓаните.

„Неговото главно барање беше формирање на т.н преодна влада, нешто во форма на широка коалиција и давање оставка на Владата, на мене, на министрите и за тоа кој ќе биде во Владата, а кој нема да биде одлучуваат граѓаните на Република Македонија на избори, изјави Груевски, при посетата на Агенцијата за катастар на недвижности.

Заев сака да не убеди во нешто што не постои, но граѓаните знаат дека немало фалсификат, оцени денеска премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарски прашања по последните објавени материјали од страна на СДСМ.

Груевски во врска со тврдењата за опозицијата за изборен фалсификат, рече дека Заев од прилика ги повторува истите работи кои ги зборувал и дека сака да ги убеди граѓаните дека не гласале по своја волја.

„Преведено со други зборови, сите ние учествувавме на изборите, граѓаните учествуваа на изборите и добро знаат дали имаше или немаше притисоци и закани или што било друго. Одеднаш се појавува Заев со разни креирани материјали со коишто сите граѓани, не само нас, сака да ги убеди дека тие не гласале по сопствена волја, не гласале на начин како што гласале без какви било притисоци, закани или нешто слично што е незаконски, туку дека гласале со притисоци и закани, изјави Груевски.

XS
SM
MD
LG