Достапни линкови

Откупните цени на земјоделските производи со години стагнираат


Илустрација.

Илустрација.

Земјоделците од битолско се жалат дека и покрај тоа што производствените цени растат, откупните цени на земјоделските производи со години се исти.

Ниски се откупните цени на земјоделските производи. Растат трошоците за репроматеријалите, но откупната цена на производите со години останува иста, реагираат земјоделците. Велат дека ова е случај со житото, јачменот, доматите, пиперките, тутунот, млекото, јагнешкото месо, па сè повеќе земјоделци осиромашуваат. Николче Бошевски од село Новаци, претседател на земјоделското здружение „Земјоделски спас“, вели:

Можам да кажам дека колку еден литар нафта чинат десет килограми жито. Сите репроматеријали се поскапени, а откупната цена наместо да оди нагоре, секоја година паѓа.

„Земјоделците си ги бараат своите права. Се соочуваме со ниска откупна цена на производството. За да направиме споредба, можам да кажам дека колку еден литар нафта чинат десет килограми жито. Сите репроматеријали се поскапени, а откупната цена наместо да оди нагоре, секоја година паѓа“, вели Бошевски.

Илустрација: Откуп на тутун.

Илустрација: Откуп на тутун.

Земјоделците набројуваат дека житото и јачменот во последните години се откупува по цена од десет денари за килограм. Тутунот во просек изнесува по 120 денари, а покрај трошоците на тутунарите им останува мала заработка. Понатаму, од градинарските производи кромидот им го откупуваат по осум денари, а трошоците за производство изнесуваат шест до седум денари, па имаат заработка од симболичен еден денар. Пиперките се продаваат по десет до дваесет денари. Млекото фармерите велат дека со години во просек се плаќа околу 18 денари, а млекарниците тврдат дека за прва класа даваат и по 23 денари.

Субвенциите не се распоредени како што треба. Некои земјоделци земаат субвенции редовно, а некои не.

Годишно државата исплатува илјадници илјади евра за субвенции. Но, од ова здружение реагираат дека парите од субвенциите треба да служат за развој на земјоделството, а не за да се надоместат ниските откупни цени.

„Субвенциите не се распоредени како што треба. Некои земјоделци земаат субвенции редовно, а некои не. Самите кажуваат јас сум зел, а јас не. Според состојбите на терен, има земјоделци кои кажуваат дека за тутунот сè уште не ја зеле ланската субвенција“, додава Бошевски.

Од Министерството за земјоделство досега во неколку наврати посочиле дека субвенциите се исплаќаат според однапред дефиниран календар за исплата којшто е усогласен според потребите на земјоделците, а цената на производите е пазарна категорија. Од подрачното Одделение за земјоделство посочуваат дека околу 16 илјади земјоделци од битолско користат субвенции, а благодарение на овие мерки во последните пет години обработливите површини се зголемени за третина, односно од 18 илјади на 25 илјади хектари.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG