Достапни линкови

„Бомбата“ на Заев потврда на забелешките на изборните набљудувачи


Последната „бомба“ на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за изборните манипулации ги потврди сите забелешки на набљудувачите на изборните процеси за одредени нерегуларности.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во петокот објави снимени телефонски разговори, на кои, како што вели, се слуша како државни функционери разговараат за изборни манипулации. Од снимките можеше да се слушнат разговори за фалсификување на лични документи, искористување на гласачи од Пустец, користење на државни ресурси за партиски цели, притисоци, закани и злоупотреби на групи граѓани.

Во Македонија всушност не постои држава, туку постои една клика којашто на најсамоволен можен начин ги спроведува изборите и сите останати политички и општествени процеси.

Џабир Дерала од невладината Цивил која го набљудува гласањето вели дека тоа што го слушнале на последната таканаречената бомба на опозицијата за нив е горчлива потврда за тоа што го откриле за време на изборите.

„Тоа се состојби кои зборуваат во најбрутална форма за тоа до каде е отидена партизацијата и криминогенизацијата на целиот систем. Ова се навистина големи и сериозни показатели за тоа дека во Македонија всушност не постои држава, туку постои една клика којашто на најсамоволен можен начин ги спроведува изборите и сите останати политички и општествени процеси“, вели Дерала.

Дарко Алексов од невладината Мост која има најмногу набљудувачи на изборите не сака да ги коментира прислушуваните разговори, но вели дека еден е концептот на лобирање, а друг на притисок врз гласачите и нивно уценување. Според него, тие низа изборни циклуси наназад укажуваат на феноменот на притисок врз гласачите и тоа не смее да се случува, бидејќи сериозно го нарушува кредибилитетот и квалитетот на изборниот процес.

„Ако поаѓаме од презумпцијата дека макар и едно ливче непоклопување во сумирањето на резултатите е основа за поништување на избирачко место, тогаш важноста на секој еден глас е неопходна и многу битна во изборниот процес“, вели Алексов.

Според Дерала, институциите во ниту еден момент не реагираат на нивните наводи, а тоа ги прави соучесници во целиот криминал.

„На институциите, на релевантните фактори, ако воопшто се релевантни, им требаше еден ваков жесток начин на кој се илустрираат овие состојби за конечно нешто да се придвижи во општеството. Мислам дека откако сево ова ќе заврши, ќе мора најсериозно да се размисли никогаш да не се доведеме во ваква ситуација“, вели Дерала.

Алексов додава дека сите нивни заклучоци за аномалиите на изборите ревносно ги бранат и некои од препораките се повторуваат, но некои се губат. Од ДИК соопштија дека ќе закажат седница на која ќе ги разгледуваат тврдењата на Заев.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG