Достапни линкови

Стил темпл по Солун, со Џудас Прист на фестивал во Белград


Македонскиот хеви метал бенд СТИЛ ТЕМПЛ на 29 јуни ќе го отвори фестивалот „Белград повикува“ на кој главни ѕвезди ќе бидат нивните идоли, легендарните ЏУДАСТ ПРИСТ и ХАЛОВИН. Во пресрет на овој концерт, момците ќе свират и во Солун, а едновремено треба да го објават својот втор албум „Nobody's Slaves“ по кој тргнуваат и на нова промотивна турнеја по земјава.

Момците од СТИЛ ТЕМПЛ имаат причина да се радуваат. Тие по втор пат во својата деценија и половина од делувањето на домашната метал сцена ќе застанат рамо до рамо со своите идоли, со бендови кои се во врвот на глобалните музички случувања. По 2006 година кога ја загреваа публиката за Дејвид Ковердејл и неговите ВАЈТСНЕЈК на скопскиот концерт, тие, благодарение повторно на Авалон продукција, ќе имаат можност да бидат воведничари на еден од големите летни регионални фестивали „Белград повикува“ што овој пат е предвидено да се одржи на 29 јуни на Калемегдан и да свират со ЏУДАСТ ПРИСТ и ХАЛОВИН.

Малку со неверување ја примивме веста дека ќе треба да свириме со ЏУДАСТ ПРИСТ и ХАЛОВИН, нашите херои од младости и луѓето што имаат извршено најголемо влијание на нас како музичари.
Урош Вељковиќ, Стил темпл.

„Малку со неверување ја примивме веста дека ќе треба да свириме со ЏУДАСТ ПРИСТ и ХАЛОВИН, нашите херои од младости и луѓето што имаат извршено најголемо влијание на нас како музичари. Од мали сме ги слушале и двата бенда, имаме гледано и некои од нивните настапи во регионов, но откако првите се реоформија со Роберт Халтворд, ниту сме имале таква можност, ниту на крај на памет ни паднало да помислиме дека некогаш и некаде би се случило да свириме со нив. Ова е најголемата промоција што може да ја добие еден бенд – да свири со своите идоли, со легендите, со оние од кои учел како тоа се прави, каде треба текстуално да се исчекори, каков став да се заземе во животот“, вели тапанарот на бендот Урош Вељковиќ.

Во основа ние сме доста сериозни кога станува збор за бенд кој опстојува и делува во Македонија. Ние постојано сме на пат овде дома, но треба да се излезе на страна. Еве ова е убава можност за такво нешто. Треба да си ги преиспитаме силите.
Урош Вељковиќ, Стил темпл.

Тој дополнува дека на овој начин СТИЛ ТЕМПЛ не само што станува дел од големиот балкански метал спектакл, туку добива и втора шанса за посигурно исчекорување на регионалната и на европската сцена.

„Минатиот пат кога се најдовме пред ВАЈТСНЕЈК во Скопје направивме мала грешка. Веднаш потоа одржавме уште еден концерт и направивме пауза од неколку години. Сега не би сакале повторно да ни се случи тоа и затоа сакаме малку поагресивно да влеземе во целава оваа работа. Целта ни е да објавиме нешто за интернационалниот пазар и потоа да тргнеме на некоја европска турнеја. Ќе видиме“, вели тој.

Од друга страна, СТИЛ ТЕМПЛ на 5 април е планирано да свират во солунскиот клуб „8 Ball Club“, по што следува обнародувањето на нивниот втор албум „Nobody's Slaves“ по кој ќе тргнат и на нова промотивна турнеја по поголемите градови во земјава.

„Во основа ние сме доста сериозни кога станува збор за бенд кој опстојува и делува во Македонија. Ние постојано сме на пат овде дома, но треба да се излезе на страна. Еве ова е убава можност за такво нешто. Треба да си ги преиспитаме силите. Во тоа преиспитување првата станица ќе ни биде Солун. Таму свириме со три грчки бендови кои се слични на нас. Ќе бидеме главни вечерта и тоа на сцената на „8 Ball Club“, извиканиот метал клуб кој собира околу 800 посетители и каде имаат настапувано и едни САКСОНС и уште куп други познати имиња. Со нив имавме одлична комуникација. Никој во метал братството, независно од која средина доаѓа, не е оптоварен со тековните политики и случените глупости. Затоа по Солун сакаме да го објавиме албумот „Nobody's Slaves“ кој е во фаза на завршен микс, потоа да сториме негова промоција и пред големиот концерт во Белград да ги отсвириме и закажаните свирки во Скопје и во Велес“, вели Вељковиќ.

Инаку, покрај Вељковиќ во СТИЛ ТЕМПЛ се и пејачот Филип Филиповски, гитаристот Дениз Адил, Дарко Поповски Блуз на клавијатури и басистот Маријан Петровски. Тие своето огнено крштевање го имаа на Рок фест во 2000-та освојувајќи го второто место од публиката, за четири години подоцна го обнародат и деби албумот „Барајќи го спасот“. Во 2006 година ќе им бидат предгрупа на ВАЈТСНЕЈК, наредната 2007 ќе се појават со жестока обработка на песната „Деца на сонцето“ на компилацијата и реизданието на албумот посветен на култниот македонски синт-поп бенд БАСТИОН, за да потоа повторно ненадејно ги снема од јавноста.

По неколкугодишната пауза се враќаат со концерт во скопскиот клуб Хавана по кој ќе следува и нивното ДВД издание, а во меѓувреме нивните песни ќе се најдат дури на 10 компилациски објави, а бележит е и нивниот концерт на „Петрич рок фест 2013“ во соседна Бугарија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG