Достапни линкови

Политичка криза за уште подлабоки поделби


Поделбите во македонското општество станаа нормална појава. Наши и ваши, патриоти и предавници, вмровци и сдсмовци... Јазот се продлабочува не само меѓу политичките субјекти, туку и кај обичните луѓе.

Се чини дека поделеноста на наши и ваши, на патриоти и предавници, на оние кои тврдат дека ја знаат вистината и другите кои со сите средства се обидуваат да ја спасат и одбранат Македонија од надворешните сили, добива сè поголеми размери. Од моментот кога премиерот ја обелодени аферата „Пуч“, а опозицијата го започна серијалот со „бомбите“ кои укажуваат на масовно прислушување, нагласена е и онака присутната поларизираност на македонското општество. И не дека политичката поделеност не е непозната и за други подемократски земји, но граѓаните велат дека меѓусебните односи се до толку закрвавени што дури и соседот и пријателката се гледаат низ призмата на политичката определеност.

Да, секако, постои раздор, тоа многу се чувствува и на работните места и меѓу соседите, на работа веќе, меѓу колегите, меѓу роднини, тоа е тоа што го направија политичарите, го разделија народот.

„Да, секако, постои раздор, тоа многу се чувствува и на работните места и меѓу соседите, на работа веќе, меѓу колегите, меѓу роднини, тоа е тоа што го направија политичарите, го разделија народот.“

„Луѓево се уплашени, не ни смеат да зборуваат, воопшто нешто да дискутираат, зашто знаат дека сè може да се случи, барем сведоци сме во денешното живеење дека сè се случува.“

Треба да се апелира за промена на уредувачката политика. Сите тие емисии кои поттикнуваат говор на омраза и коишто на овој начин ги инструираат граѓаните, ги туркаат едни против други, треба да се смени нешто.

„Тие работи отсекогаш постојат кај нас, дури од самостојноста на Македонија, така што мислам дека секој треба да размислува со своја глава и никој не треба од страна да му кажува што е и како е.“

„Ни се работи кај нас, ни се зборува за тоа, секој си ја брка својата работа. Инаку, во обвинителство сум јас.“

„Мислам дека тие се веќе поделени уште од претходно, и онака сè се знае, сега само е откриено.“

„Сите се на наши и на ваши, нивни, и на власта и на опозицијата, така што ова може само да води кон меѓусебна омраза меѓу луѓето, но не и единство, не и излез од оваа политички кризна ситуација“, велат анкетираните граѓани.

Во случајот сега ќе биде интересно како сега они што се неопределени или оние што немаат силна партиска преференца би се приклониле кон едните или кон другите во зависност од тоа што сметаат дека е точно и праведно.

Поделеноста е присутна, се согласува и стручната јавност. Социологот Нелко Стојановски вели дека главниот виновник за нагласената поделеност меѓу граѓаните се политичките актери. Сепак додава дека и медиумите во голема мера придонесуваат за таквата состојба, особено уредувачките политики кои го продлабочуваат раздорот што постои.

„Треба да се апелира за промена на уредувачката политика. Сите тие емисии кои поттикнуваат говор на омраза и коишто на овој начин ги инструираат граѓаните, ги туркаат едни против други, треба да се смени нешто“, вели социологот Нелко Стојановски.

Во суштина прави едно раслојување на Македонија, на Македонците и тоа на про-Македонци и на останати и тој раздор сега сè повеќе се изразува и може да биде опасен ако не дадат резултат овие „бомби“ на Заев да произведе нешто повеќе, а тоа е да излезе обичниот граѓанин на улица.

Очигледно е дека политичките случувања создаваат поделеност на две страни. Не е ништо ново тоа што едните се за, другите против во контекст на партиската провиниенција, вели аналитичарот Владимир Божиновски. Она што, според него, ќе биде интересно е однесувањето на оние кои се неопределени.

„Во случајот сега ќе биде интересно како сега они што се неопределени или оние што немаат силна партиска преференца би се приклониле кон едните или кон другите во зависност од тоа што сметаат дека е точно и праведно“, вели аналитичарот Владимир Божиновски.

Би рекол дека се ново компнираните здруженија на бранители, народот како што вообичаено тоа го нарекува – дрвени адвокати, чија улога е всушност да ја заштитат недопирливоста на властодршците и натој начин да ја обезбедат слепата верба во нивната непогрешливост.

Македонското општество практикува специфична политичка филозофија која се раководи од девизата да се уништи инаквото, различното. Во таква политичка атмосфера воопшто не треба да нè изненадува тоа што и обичниот човек е поделен меѓу два света, исправен пред одлуката да се биде со едниот или другиот, вели професор Алајдин Демири.

„Во суштина прави едно раслојување на Македонија, на Македонците и тоа на про-Македонци и на останати и тој раздор сега сè повеќе се изразува и може да биде опасен ако не дадат резултат овие „бомби“ на Заев да произведе нешто повеќе, а тоа е да излезе обичниот граѓанин на улица“, вели професор Алајдин Демири.

Ова сега е катарза, знаете луѓето на некој начин се освестуваат, стануваат критични, стануваат една маса која знае и која има потреба да открие што се случува околу нив.

Информациите кои на еден или друг начин ги чувствуваат граѓаните во Македонија преку серијата телефонски разговори и прес-конференции добиваат своја потврда. Нештата не мора нужно да доведуваат до продлабочување на јазот, вели комуникологот Климе Бабунски, според кого, обелоденувањето на овие вести може да поттикне преиспитување на ставовите и мислењата за одредени политичари. Во таа смисла не станува збор само за продлабочување, туку за намалување на поделеноста.

„Би рекол дека се ново компнираните здруженија на бранители, народот како што вообичаено тоа го нарекува – дрвени адвокати, чија улога е всушност да ја заштитат недопирливоста на властодршците и натој начин да ја обезбедат слепата верба во нивната непогрешливост“, вели Бабунски.

Ваква каква што е ситуацијата, теориски е можно да се случи, но сепак за да се случат треба да бидат инсценирани од некого. Сметам дека во Македонија никој нема да направи посериозни чекори, организирани чекори, ризични чекори за да дојде до граѓанска војна, до големи нереди.

Она што во моментот се случува во земјава е добро, вели социологот Хасан Јашари. За мене не е воопшто спорна поделеноста кај граѓаните и нивните ставови туку напротив. Добро е кога секој слободно може да си го каже тоа што го мисли и чувствува, истакнува Јашари.

„Ова сега е катарза, знаете луѓето на некој начин се освестуваат, стануваат критични, стануваат една маса која знае и која има потреба да открие што се случува околу нив“, вели социологот Хасан Јашари.

Се гледа колку е провидно, дека една партија формира здружение за да ја брани неа, а таа се крие зад здружението и молчи. Очигледно имаат долгови кон партијата па треба да ги одработат. Нејќам да фаворизирам никого, ама мене ми е преку глава, до тој степен сум дошол да размислувам да извадам бугарски пасош.

Дека поделеноста во општеството е присутна се согласува и долгогодишниот политичар Стојан Андов. Иако не ја исклучува можноста од, како што вели, помали инсценирани нереди како последица на серијата „бомби“ на опозицијата кои сериозно ја размрдаа политичката сцена, сепак вели дека не постои опасност од сериозни немири.

„Ваква каква што е ситуацијата, теориски е можно да се случи, но сепак за да се случат треба да бидат инсценирани од некого. Сметам дека во Македонија никој нема да направи посериозни чекори, организирани чекори, ризични чекори за да дојде до граѓанска војна, до големи нереди“, вели Стојан Андов.

И додека секој со секого се обидува да се објасни кој е во право и која е вистината за Македонија, луѓето се бомбардирани од секојдневни информации и партиски соопштенија и реакции преку медиумите. И како тоа да е малку, јавноста е сведок на разно разни здруженија кои преку ноќ никнуваат за да ги бранат интересите на една или друга партиска идеологија.

„Се гледа колку е провидно, дека една партија формира здружение за да ја брани неа, а таа се крие зад здружението и молчи. Очигледно имаат долгови кон партијата па треба да ги одработат. Нејќам да фаворизирам никого, ама мене ми е преку глава, до тој степен сум дошол да размислувам да извадам бугарски пасош.“

„Апсолутно има релативизирање на целата работа со многу осмислен обид, со многу осмислена кампања којшто се спроведува низ најразлични канали, преку здруженија, преку кампањи, преку несовесно, непрофесионално пишување на низа електронски и печатени медиуми, така што веројатно сите размислуваме за таа состојба и секако е загрижувачка.“

„Здружениево за одбрана на Македонија е класична продолжена рака на ВМРО-ДПМНЕ, ама нема потреба да ја мешаат уметноста за решавање на некоја политичка ситуација во државата, нема од кого да ја бранат“, велат анкетираните граѓани.

Но она што не смее да се остави настрана и незабележано е говорот кој се користи во меѓусебната комуникација на креаторите на јавното мислење. Речникот кој носителите на јавни функции го користат, а кој го слушаме во преслушуваните разговори е благо речено недоличен и на едно примитивно ниво. Но, запрепастува вокабуларот на одредени поединци кои во функција на експерти или креатори на јавното мислење го користат во медиумскиот простор, а кој народот го слуша и гледа.

„Тоа е и до степенот на самата политичка култура во едно општество и зависи кон кои групи се обраќаат. Не е на она ниво, на нивото на јавно обраќање коешто јас го користам, е сега ако некој друг смета дека тоа може да му донесе поени или дека со тоа ќе постигне некоја поента, ама тоа треба да ги прашате нив“, вели Божиновски.

Она што сега го дознаваме, односно зборовите кои високите функционери ги употребуваат и контекстот во кој го ставаат обичниот човек, според Бабунски, не е вест, во услови на дискутабилна функционалност, кога од една страна се трошат огромни суми пари за нефункционални проекти, а од друга страна да се штеди за егзистенција и напредок на стопанството.

„Тоа јасно зборува дека треба да се има свесен и критичен став кон секојдневието и околината, е сега кога ќе се слушнат овие разговори, зборовите што се употребуваат, тогаш оние кои можеби имале двоумење во сопствените критички ставови, всушност добиваат потврда дека грешката, проблемот не е кај нив, туку кај другите“, вели Бабунски.

Во примената на неокомунистички и популистички методи од страна на владината коалиција како и несогледливата желба да се победи во сите изборни циклуси, професор Јашари ги гледа главните причини за поларизираноста на македонското општество.

„И да се успее да се контролира сè, и медиумите и цивилното општество, па дури и до таму отишле да контролираат кога луѓето треба да прават фискултура“, вели Јашари.

Постои ли излез и кој е тој? Дали поделеноста може да се спречи? Имаме ли капацитет да се обединиме и дали тоа е решение на проблемот? На овие прашања побаравме одговор од нашите соговорници и добивме различни одговори.

Во период кога вниманието на јавноста е вперено кон содржината на бомбите, ситуацијата според професорот Стојановски станува тензична. Неминовен излез, според него, е заминување на актуелните политички актери од сцената.

„Промена на оваа состојба, односно со промена на актерите коишто довеле до ваква ситуација. Истите актери коишто довеле до ваква конфликтна ситуација, до вакви поделби во општеството, не можат да ја разрешат, мора некои нови лица да дојдат и да направат напор да тргне Македонија по некој нормален правец“, вели професор Нелко Стојановски.

Професорот Демири не е оптимист дека политичките субјекти ќе помогнат во решавање на проблемот. Според него, тие всушност и намерно го контаминираат просторот во кој граѓаните би требало да си го кажат своето мислење.

„Субјектите, партиите интензивно работат на спротивното и кога партиите се такви теренот останува контаминиран и нема можности ниту за други идеи, иницијативи да го избегнат тоа. Мислам дека партиите во овој случај се многу свесни и намерно тоа го прават“, вели Демири.

Партиската поларизација постои секаде и ако остане како таква, нема опасност од некакви сериозни последици, вели Божиновски. Не се сомнева дека партиската поделеност може да ги закрвави меѓучовечките односи.

„Сè додека не ги нарушува човечките и општествените односи тоа е нормална работа не само кај нас, само што кај нас едноставно многу повеќе постои интерес за тие политички процеси за разлика од други земји“, вели Божиновски.

Во формулата за единство и обединување не верува Бабунски. Тоа не е гаранција дека целта ќе ја постигнеме, вели Бабунски повикувајќи се на историските примери во кои колективитетот е цврсто обединет, ама оди во пропаст. Сите големи цивилизациски срамови, како што се светските војни или распадот на Југославија, се доказ дека единството не значи и гаранција дека сме на правиот пат, вели Бабунски.

„Единството тука не може ништо да измени, она што мора да се направи е промена на институциите, таа промена подразбира не само поинакви правила на игра, туку првенствено други луѓе кои ќе можат да ги спроведуваат тие правила“, вели тој.

Во меѓувреме, поделеноста на луѓето се бележи дури и во анкетите коментираат познавачите. Таа на почетокот беше на етничка основа. Потоа луѓето почнаа да се делат на Македонци со античко и Македонци со словенско потекло, сè до последните поделби на верска основа, кога се делат на верници и на богохулници.

Јашари посочува дека политичките елите се тие кои треба да ја поправат ситуацијата во општеството, да нудат решенија, да промовираат позитивни вредности. Но, како што заклучува тој, тоа не е случај кај нас. Политичките елити, вели тој, не им нудат алтернативи на граѓаните, туку ги ставаат во стапица. Сето тоа, според него, резултира со дезорганизација и анемија на општеството.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG