Достапни линкови

logo-print

Андова-Шопова: Пишувањето за мене е пресоздавање на светот!


Николина Андова Шопова, поетеса.

Николина Андова Шопова, поетеса.

„Поврзи ги точките“ е насловена поетската збирка на Николина Андова Шопова, која како издание на Темплум се појави неодамна и чија промоција е планирано да се одржи во понеделник, на 9 март, во 20 часот, во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Ова е втора објава на авторката за која ќе биде забележано дека создава поезија речиси во целост составена од „расфрлените остатоци од реалноста“.

Писателот Владимир Јанковски во рецензијата за книгата „Поврзи ги точките“ на Николина Андова Шопова (Темплум 2014) ќе забележи дека таа е поетеса „која верува дека сето она што се случува околу нас носи во себе одреден полнеж што може да се претвори во поезија и дека и припаѓа на групата уметници според кои уметноста својот материјал може да го пронајде насекаде“.

Тоа е поезија што опсесивно се доближува до препознатливите предмети или слики. Секако, не за да ги умножи или за да ја повтори нивната баналност и обичност. Напротив.

Вели дека уметноста треба да се пронаоѓа во обичните и банални случувања од секојдневието и тоа го илустрира со еден стих од песната „Наопаку“ кој гласи „Од телото ги исфрлам дреболиите на денот“, заклучувајќи дека Андова – Шопова создава поезија речиси во целост составена од „расфрлените остатоци од реалноста“.

„Тоа е поезија што опсесивно се доближува до препознатливите предмети или слики. Секако, не за да ги умножи или за да ја повтори нивната баналност и обичност. Напротив. Нејзината насоченост кон препознатливото е со цел да го потврди метафизичкиот карактер на тоа секојдневие. Затоа и кога нејзината поезија тематизира дури и слики од колективната меморија, тие слики се тука за преку поезијата да ја трансцедентираат својата баналност“, пишува Јанковски.

„Самиот наслов на книгата „Поврзи ги точките“ упатува на онаа игра од детството кога требаше да поврземе точки за да добиеме некоја слика, некаков приказ.

А, поетесата, пак, знае а каже дека самиот наслов на книгата „Поврзи ги точките“ всушност упатува на играта од детството кога со неколку потези на моливот требаше да добиеме одредена слика, одреден приказ.

„Самиот наслов на книгата „Поврзи ги точките“ упатува на онаа игра од детството кога требаше да поврземе точки за да добиеме некоја слика, некаков приказ. Така што тие остатоци од реалноста ги обликувам токму на тој начин. Иако не би сакала тематски да ги определам тоа се сепак некои фрагменти од сеќавањата, од детството ...кои кога ќе се поврзат обликуваат една апстрактна целина чија што перцепција зависи од самиот читател.“

Родена 1978 година во Скопје, Николина Андова Шопова дипломирала на Катедрата за Македонска и јужнословенска книжевност на филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Досега објавувала поезија и хаику во повеќе списанија, а во 2013 излегува нејзината прва збирка „Влезот е од другата страна“ (издание на Темплум), за која ја добива наградата „Мостови на Струга“ од СВП и УНЕСКО за најдобра дебитантска поетска книга. Книгата набрзо потоа е публикувана и на англиски јазик.

Говорејќи за себе, за творештвото, за пишувањето ...Андова Шопова истакнува дека „да се сака поезијата, значи да се сака светот онаков каков што би можел да биде“.

„Ми текнува сега на една мисла која вели дека да се сака поезијата, значи да се сака светот онаков каков што би можел да биде. За мене пишувањето е секогаш едно пресоздавање на светот. Една бесконечна игра на можности.“

Дополнува дека не размислува скоро да ја напушти „таа игра на можности“ и дека евентуално тоа би го сторила само ако и стане „претесно во песните“.

„Веројатно кога ќе ми стане претесно во песните би се определила за некој друг жанр. Сега за сега просторот ми е доволно широк така што не можам да предвидам кога би напишала нешто ново или кога би објавила некоја нова книга. Тоа не зависи од мене. Пишувањето е чин што не можеме да го планираме. Не верувам во планско пишување. Не верувам во рокови, но верувам во тоа дека сепак би се задржала во поезијата.“

Поетесата, од друга страна, онолку колку што времето и дозволува, милува да ги следи придвижувањата на домашната сцена и потенцира дека е импресионирана од новите енергии и новите гласови во времево на изместени вредности.

„Со задоволство ја следам сцената кај нас ако веќе може да се говори за поетска сцена и со големо љубопитство гледам се што се случува. Честопати, се разбира кога имам можност, одам на „Асталните проекции“...Постојано сум и во книжарниците и пребарувам нови поетски книги, особено од македонските автори, и навистина сум импресионирана од новите енергии, од новите поетски гласови, од иновациите што велам дека допрва ќе следат во поезијата. Затоа што и на тоа поле ни се потребни пресврти.“

СТАПКИ

Некои од нас носеа падобрани место ранци на грбот
и само одвреме-навреме ја допираа земјата
Тајните патчиња кои никнуваа зад секој агол
секогаш завршуваа во линијата на дланката
на нашиот мал бог
Молчевме и го слушавме
снегот кој ни држеше предавања
на еден јазик кој одамна го заборавивме
и знаевме дека е тука и во лето
невидлив, како во снежната кугла во која
никогаш нема да заврне
ако не посакаш да ја земеш во дланката
како што ѕвездите паѓаа и дење
иако не се гледаа
Хоризонтот чекореше со нас
и сѐ што ќе допревме го губеше своето име
нарцисот не беше нарцис туку само цвет
тополата не беше топола туку обично дрво
кое се чинеше како секој миг
да чека да го соблече и тоа име
Сѐ повеќе сум сигурна
детството не е зад нас
туку пред нас
чека да ги остави своите стапки
на свежо асфалтираните патишта.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG