Достапни линкови

Опозицијата ја прошири кривичната пријава за прислушување


СДСМ денеска до Јавното обвинителство достави компакт дискови и транскрипти од прислушувани разговори во периодот февруари 2011-та - јануари 2015-та, со што ја проширија кривичната пријава за неовластено прислушување и тонско следење, која ја доставија пред десетина дена до Јавното обвинителство.

Тие очекуваат Обвинителството да постапи во согласност со новодоставените докази. Материјалите ги доставија Радмила Шеќеринска, Стево Пендаровски, Тито Петковски, Оливер Спасовски и Андреј Жерновски.

По предавањето на документите во Обвинителството, Стево Пендаровски изјави дека немаат верба во луѓето кои актуелно го водат Обвинителството, но како што рече, „веруваме дека сите останати, меѓу кои има професионални, стручни и доблесни луѓе, овој пат нема да одмолчат и во интерес на нашата заедничка подобра иднина ќе постапат по пријавата и ќе ги санкционираат оние кои го направиле ова злодело против сопствениот народ.“

Пендаровски додаде дека бил прислушуван три години пред да стане претседателски кандидат, а дека мотивите за тоа биле политички со знаење на првите луѓе на Министерството за внатрешни работи и на Дирекцијата за разузнавање.

XS
SM
MD
LG