Достапни линкови

МИМ: награди за истражувачки стории 2014


МИМ по 14 - ти пат ги додели наградите за најдобра истражувачка сторија. Првонагаден е новинарот Љубиша Арсиќ, а наградени се и двајца новинари на Радио Слободна Европа, Марија Митевска и Владимир Калински.

Новинарот на Фокус Љубиша Арсиќ е добитник на првата наградата „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија што ја доделува Македонскиот институт за медиуми. Втората награда е за новинарката Соња Колевска-Делевска, а новинарите Сашка Цветковска, Владо Апостолов, и Нела Лазаревиќ се третонаградени.

Сепак ние новинарите истражувачи јавно ќе се оградиме од новинарите безрбетници и ќе им покажеме дека ние сме тие кои ќе го зачуваме достоинството на нашата професија.
Љубиша Арсиќ, новинар.

Наградени се и двајца новинари на Радио Слободна Европа. Новинарката Марија Митевска доби пофалница за темата „Земјиштата продадени, хотелите неизградени“, а новинарот Владимир Калински е добитник на признание кое за првпат се воведува годинава за истражување на актуелна тема во случајов загадување на воздухот во земјата. Меѓу оние кои добија пофалници и признанија годинава се и новинарите Валентина Стојанчевска и Влатко Стојановски од Фокус, како и новинарката Жаклина Хаџи-Зафирова од интернет порталот Инбокс 7.

Љубиша Арсиќ.
Љубиша Арсиќ.

Арсиќ наградата ја доби за серијалот истражувачки текстови на тема „Тајна фабрика за изработка на пасоши“, објавени во неделникот „Фокус“. Новинарот вели дека е загрижен за тоа колку ефект имаат истражувачките стории во општеството.

Но среќа во книгата на дневни настани на малолетничкиот затвор било запишано дека имало силување и тоа беше главниот доказ во судењето и во целата постапка, инаку детето не можеше да ги убеди никако.
Соња Колевска-Делевска, новинарка.

„Колку пред се државните органи кои ќе ги чепнеме и ќе допре ова до нив, за тие да ги исправат грешките за кои ние пишуваме. Сепак ние новинарите истражувачи јавно ќе се оградиме од новинарите безрбетници и ќе им покажеме дека ние сме тие кои ќе го зачуваме достоинството на нашата професија.“

Соња Колевска-Делевска од Вест е наградена за серијалот истражувачки текстови на тема „Силувањето малолетници во Воспитно-поправниот дом „Тетово“. Таа вели дека темата за која пишува се случува со години, но во нејзиниот случај сторителите се фатени „живи“. Многу од институциите кои требало да реагираа во случајот, затаиле, вели Колевска- Делевска.

Марија Митевска го прима признанието од МИМ
Марија Митевска го прима признанието од МИМ

„Во билтените на МВР го немаше тој случај, во Обвинителство исто, со изјави и од МВР и од Обвинителство беше поткрепено дека немало таков случај, дека се криел месец дена, се додека Народниот правобранител не алармирал, по еден месец, кога била и пропуштена можноста да се земат доказите за силувањето, но среќа во книгата на дневни настани на малолетничкиот затвор било запишано дека имало силување и тоа беше главниот доказ во судењето и во целата постапка, инаку детето не можеше да ги убеди никако.“

Помош при изработка на сторијата имала од Народниот правобранител и од вработени во Домот.

Третонаградена е сторијата „Победникот на тендерот за Дрисла: ниту искуство, ниту инвестиции“, проект на БИРН и ТВ Нова.

„Сторијата „Дрисла“, како и многу други стории на кои работиме, посочуваат на еден феномен, а тоа е држењето во тајност на договорите кои институциите ги склучуваат кога доделуваат природни и материјални добра кои им припаѓаат на граѓаните на оваа држава на сомнителни лица и компании кои припаѓаат на една мала група моќници. Затоа го повикувам државниот правобранител Насер Ајдари да ги испита сите овие договори кои во вакви околности се случуваат и да види, дали, како и од кого е загрозен интереот на граѓаните“, вели Цветковска.

Македонскиот институт за медиуми четиринаесет години доделува новинарската награда за најдобра истражувачка сторија, а по смртта на новинарот Никола Младенов, наградата ја носи неговото име. Наградата се доделува како дел од заложбите на МИМ за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во земјава. Од Комисијата која ги доделува наградите велат дека оваа година имало повеќе пријавени стории, но нотираат дека годинава за првпат нема пријавен новинар од медиум на албански јазик.

На годинешниот конкурс се пријавија 28 автори, со вкупно 49 стории кои што беа објавени во печатот, на телевизиите и на Интернет порталите.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG