Достапни линкови

logo-print

Европските претставници изразуваат загриженост за случувањата во Македонија и нудат помош за надминување на политичката криза.

Имиџот на Македонија во очите на меѓународната јавност е нарушен, а политичката ситуација дома потврдува дека таа не е во согласност со оние кои сметаат дека земјава треба да има солиден меѓународен рејтинг, коментира поранешниот дипломат и член на комисијата за надворешни работи на СДСМ, Виктор Габер, по вчерашните изјави на европските претставници за кризата во Македонија.

Самото тоа што во германскиот парламент веќе се отвора дебата е веќе сигнал.

„Самото тоа што во германскиот парламент веќе се отвора дебата е веќе сигнал, дека не само во Брисел, туку и во поедини парламенти, што е индикативно, затоа што во тие национални парламенти имаме претставници коишто претставуваат одредени економски, социјални, културни и други групи“, вели Габер.

Германската канцеларка Ангела Меркел.

Германската канцеларка Ангела Меркел.

Изјавите на Могерини и Хан во врска со нивните натамошни чекори кон Македонија укажуваат на фактот дека Западот не е рамнодушен на состојбите тука и дека тие не им одговараат на нивните проекции и планови, истакнува Габер. Не се согласува со одредени тврдења во јавноста дека тие ни се мешаат во работата, зашто, како што вели, Македонија има договори и со Европската унија и со Соединетите Држави од кои произлегуваат взаемни обврски.

Најавите дека има вклучено странска агентура зборуваат дека не е сè чисто од надвор, бидејќи неспорно е дека оваа владина гарнитура за нив не е вистинската, не таа што тие сесрдно би ја поддржале.

„Јас се надевам дека покрај оваа делегација од пратеници, коишто се прифатени во Македонија да бидат веќе не само набљудувачи, туку евентуално и посредувачи за средување на односите, се качува нивото. Утре може ќе видиме и функционери на Европската комисија во Скопје“, вели тој.

За разлика од Габер, поранешниот дипломат Ристо Никовски вели дека позицијата на Западот јасно ќе може да се дефинира дури откако ќе се открие кој стои зад случајот Пуч.

„Најавите дека има вклучено странска агентура зборуваат дека не е сè чисто од надвор, бидејќи неспорно е дека оваа владина гарнитура за нив не е вистинската, не таа што тие сесрдно би ја поддржале“, вели тој.

Пораките од Брисел и Вашингтон за Никовски се само љубезна реторика, а не и искрена намера да и се помогне на земјава. Тој е уверен дека на големите сили им одговара ваквата криза во Македонија и дека секоја од земјите си го штити својот интерес.

„Мислам дека тоа ќе биде една реторика која ќе нуди совети, која ќе нуди некаква позитивна конотација, а од друга страна многу систематично ќе се следи тоа што се случува и ќе се влечат потези кои се во нивен интерес, а не во интерес на Македонија“, вели Никовски.

Инаку вчера високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, изјави дека Македонија е во фокусот на вниманието и е на европската агенда, потенцирајќи дека веќе не е прашање дали во Македонија има нестабилност. Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан пак истакна дека Брисел ја има понудено својата помош за решавање на актуелната криза во земјата и дека е во редовен контакт со сите политички лидери во земјава.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG