Достапни линкови

logo-print

Политичката криза го засилува говорот на омраза


Говор на омраза во Македонија се засилува симултано со политичката криза. Се претера до толку што реагираше и ОБСЕ. Експертите пак, велат дека во ваква политичко – медиумска ситуација Јавниот Обвинител е премногу пасивен.

Епитети кои се директно говор на омраза или со нив се повикува на таков говор периодов сè почесто има, не само на интернет, тука и во медиумите. Предавници од кои Македонија е нападната поради што може да дојде и до братоубиствени војни, гниди за кои треба бетонска плоча, беа само дел од пораките што се слушнаа периодов, а беа пренесени и на централните вести во некои медиуми.

Кога се работи за директно вклучување во живо во телевизиските или во радио програмите, уредниците, односно водителите на емисиите треба да се оградуваат и треба да повикуваат кон тие што шират насилство и говор на омраза да не употребуваат ваков политички и медиумски дискурс.

Според поранешниот уредник, комуникологот Сефер Тахири, говорот на омраза се засилува со развојот на домашната политичка криза. Тој е песимист и смета дека периодов ваквите обраќања ќе бидат сè почести. Тахири предупредува и дека новинарите и уредниците имаат одговорност во спречувањето на ширењето на говор на омраза повикувајќи се на професионалните стандарди и етичките норми.

„Кога се работи за директно вклучување во живо во телевизиските или во радио програмите, уредниците, односно водителите на емисиите треба да се оградуваат и треба да повикуваат кон тие што шират насилство и говор на омраза да не употребуваат ваков политички и медиумски дискурс“, вели Тахири.

Конкретно во сегашната ситуација мислам дека Јавното обвинителство е целосно пасивизирано и покрај неговата основна надлежност што ја има во овој критичен момент за Македонија.

Досега за говорот на омраза реагираат новинарските здруженија и тела, но нивните реакции пред сè се сведуваат на препораки. Во февруари лани во Македонија стапија во сила и нови законски одредби кои забрануваат и казнуваат говор на омраза. ЛГБТИ активистите во декември поднесоа и кривични пријави до Јавното обвинителство поради таков говор против Јанко Илкоски и Миленко Неделковски, но од таму добиле одговор дека кривичните пријави се одбиени.

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски посочува дека говорот на омраза може да преставува појдовна точка за поголема штетна последица, бидејќи може да дојде до преземање на дејства поттикнати од него. Тој нагласува и дека гонењето од Јавниот обвинител претставува репресивна мерка, но, како што додава, и превентивна, за да се спречи ширењето понатаму за да сфатат дека тоа е казниво.

„Конкретно во сегашната ситуација мислам дека Јавното обвинителство е целосно пасивизирано и покрај неговата основна надлежност што ја има во овој критичен момент за Македонија. Прво, со таканаречените бомби на Заев се поставуваат многу прашања за коишто треба јавниот обвинител да преземе дејствија. Меѓутоа, како противтежа на тие бомби, имаме и манифестација на говор на омраза. Во сите овие негативности што се манифестирани, јавниот обвинител е многу пасивен“, вели Трпеновски.

Инаку за говорот на омраза реагираше и мисијата на ОБСЕ. До Советот за етика во медиумите во врска со изјавата на Миленко Неделковски, како и неговата редовна неделна емисија на Канал 5 телевизија, навеле дека тој ја надминал црвената линија во говорот на омразата, што е дејство што не смее да се толерира.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG