Достапни линкови

logo-print

Нови протести за оставка на Тодоров во Велес


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Протести за оставка на министерот за здравство Никола Тодоров, поради смртта на малата Тамара Димовска по втор пат ќе се одржат в сабота во Велес.

Оставка од министерот за здравство Никола Тодоров повторно ќе побараат револтираните граѓани поради смртта на деветгодишната Тамара Димовска, која боледуваше од сколиоза и не ја дочека операцијата во странство. По протестите во Скопје, по втор пат ќе се одржат протести и во родниот град на Тамара, Велес, в сабота. На групата за поддршка на социјалните мрежи насловена „Секое наше дете е Тамара“ се вели дека повторно градот ќе му покаже црвен картон на Тодоров како последен поздрав за министерската функција.

Системот којшто чекаше четири месеци да ја прими и да одлучи за Тамара треба да се урне, односно да се промени и треба да се креира здравствен систем каде што на нашите деца да им се даде здравствена помош веднаш кога ќе им треба.

Еден од организаторите на протестот, Димче Велев, вели дека Тодоров е најповикан, бидејќи тој го води и го искреира монструозниот здравствен систем во Македонија, кој штети и одзема животи.

Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

„Овој протест исто ќе се одржи во Младинскиот парк и очекуваме дека преку присутните граѓани повторно ќе му пратиме порака дека тој е еден и најодговорен за причините за смртта на Тамара, односно многу Тамари, затоа што лично даде изјава пред јавноста дека Тамара ќе биде лекувана и со тоа спречи и донации и организирање за детето. Меѓу другото, системот којшто чекаше четири месеци да ја прими и да одлучи за Тамара треба да се урне, односно да се промени и треба да се креира здравствен систем каде што на нашите деца да им се даде здравствена помош веднаш кога ќе им треба“, вели Велев.

Одете си за да може да се направи поубаво место за живеење за нашите деца. Тамара е доказ дека не се грижите доволно за нашите деца. Заминете си достојно од вашите фотелји за да не се случи нова Тамара.

По протестите во Скопје пред десетина дена оставка си дадоа двајцата директори на Фондот за здравство, Маја Парнаџиева Змејкова и Џемали Мехази. Мајката на Тамара, Жаклина Димовска, пред Министерството за здравство го повика Тодоров да каже дека тој и системот се виновни и оти тие ја потпишале смртната одлука за нејзината ќерка.

„Одете си за да може да се направи поубаво место за живеење за нашите деца. Тамара е доказ дека не се грижите доволно за нашите деца. Заминете си достојно од вашите фотелји за да не се случи нова Тамара. Децата умираат чекајќи на вашата милост. Одете си за да нема родители за кои ќе нема утеха, скршени од тага, преполни со болка и солзи. Мора да го најдеме виновникот“, рече Димовска.

Велев вели дека очекува оставка од Тодоров.

„Тоа е најмалку што може да направи за случајот Тамара и за многу Тамари, за случајот во Ростуше и многу други случаи. Мислиме дека покрај министерската суета кај него ќе проработи и човечката совест и ќе даде оставка на таа функција“, вели Велев.

Тој порачува и дека нивните активности нема да завршат само со протестот и дека ќе ги искористат сите демократски начини за притисок кои им се на располагање се додека Тодоров не поднесе оставка.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG