Достапни линкови

logo-print

Според телефонските снимки презентирани од опозицијата, министерката Јанкуловска на министерот за финансии Ставревски му се жали на катастрофалните услови за работа на полицајците на терен. Лошите услови за работа ги потврди и првиот човек на Полицискиот Синдикат Тихомир Климовски.

Стари полициски станици изградени по Втората светска војна, стари избледени униформи и скинати обувки, лоши работни услови, прекувремена работа и неисплатени дополнителни работни часови, се дел од проблемите со кои се среќаваат полицајците на терен во Македонија.

Искрено да ви кажам тоа се објекти кои што некаде датираат и пред војната и колку и да се реновираат и поправаат тоа не е функционално.

Претседателот на полицискиот синдикат Тихомир Климовски вели дека еден од поголемите проблеми се работните услови односно нереновираните полициски станици особено во внатрешноста на земјата, за кои потенцира дека се многу стари и нефункционални.

Тој вели дека во овој сегмент има големо уназадување, точно е дека има реновирање, но не со таков интензитетот како што би требало.

Полициска станица во Куманово.

Полициска станица во Куманово.

„Искрено да ви кажам тоа се објекти кои што некаде датираат и пред војната и колку и да се реновираат и поправаат тоа не е функционално. За волја на вистината доста од нив ги имаме и променето, да речеме во Куманово имаме нови објекти, меѓутоа повеќето од нив се објекти кои датираат од далечните педесети години на минатиот век, па и порано.“

Климовски вели дека синдикатот се обидува да ја вклучи покрај централната власт и локалната самоуправа во реновирањето на полициските станици.

Често пати недостасува гориво за службените, дека наместо да им се плаќа прекувремена работа, работа на државни празници, мора да користат слободни денови, тоа се основните коментари што ги даваат припадници на полицијата.

Во еден од разговорите кои што ги објави лидерот на опозицијата Зоран Заев за, кои како што вели, се водени меѓу вицепремиерот Зоран Ставрески и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, а се однесуваат на планирање на буџетските пари сликовито е опишана состојбата на полициските станици.

Женски глас: „Рипаат од радост како мали деца се радуваат затоа што имале нови плочки во купатило и затоа што имаат прозори кои што се затвораат, значи до таму е дојдена работата. Спијат на железни кревети, на кебињата пишува ЈНА.“

Поранешниот министер за внатрешни работи и пратеник Павле Трајанов, вели дека со полицајците со кои комуницирал најчесто се жалат за нередовна исплата на дополнителни работни часови и необновена униформа.

„Често пати недостасува гориво за службените, дека наместо да им се плаќа прекувремена работа, работа на државни празници, мора да користат слободни денови, тоа се основните коментари што ги даваат припадници на полицијата.“

Во делот на платата, Климовски вели дека тоа е покриено, но кога станува збор за прекувремена работа тука имаат проблеми.

„Ни фалат луѓе особено во Скопје и енормен е бројот на часови коишто колегите ги одработуваат на име прекувремена работа. Фондот средства коишто за ова намена достигнува и половина од целата сума што е за плати, што наметна потреба да се изгради еден нов систем, односно да се размислува за нов систем за менаџирање со работното време.“

Тој објаснува дека Синдикатот работи на програма со која се надева дека ќе се реши тој проблем. Климовски додава дека што се однесува до обновата на униформите, проблемот лежел во тендерските постапки и непочитувањето на роковите за испорака на делови на униформа или обувки па се чувствувал и недостаток, се случувало и по година и пол да чекаат нови чизми, чевли или пантолони. Тој вели дека во Министерството иницирале и нов начин на набавување па се надева дека веќе следната година ќе стартува со работа системот.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG