Достапни линкови

Филмови по кои дебатата сама по себе е провокација


Сцена од филмот Тесен премин.

Сцена од филмот Тесен премин.

По првите две успешни сезони во клубот „Менада“, дебатниот филмски клуб „Лале“ од оваа среда, 4 март, своите активности ги продолжува во Младинскиот културен центар во Скопје. Селектор на програмата и модератор е филмскиот критичар Влатко Галевски кој најавува дела со врвни уметнички референци и плодни дебати на горливи општествени теми.

Со прикажувањето на белгискиот „Човек гризна куче“ на Реми Белве од 1992 година, оваа среда, на 4 март од 20 часот, во џебното кино, дебатниот филмски клуб „Лале“ и официјално своите активности (во посоодветни техничко-просторни услови) ги продолжува во Младинскиот културен центар во Скопје.

Влегуваме во некакви поинакви води отколку меинстрим филмската индустрија и кино-репертоарите на постоечкиве кино-сали. Тоа значи дека се ориентирам пред сè на авторскиот филм и мислам дека во тоа е провокацијата и убавината на дебатите по проекциите на филмовите.

Клубот ќе функционира како непрофитна активност (влезот за проекциите е слободен) на оваа наша градска урбана институција со идеја филмот да биде претставен во неговата уметничка димензија и притоа во непосреден разговор и дебата публиката да ги сподели своите критички и естетски судови и ставови во однос на определената тема што ќе се обработува.

Влатко Галевски, филмски критичар.

Влатко Галевски, филмски критичар.

Селектор на програмата и модератор е филмскиот критичар Влатко Галевски кој забележува дека станува збор за грижливо селектиран одбир на дела со врвни уметнички референци. Нагласува дека има такви кои се значајни по своето силно влијание, или се значајни поради контроверзноста, авангардноста и деликатноста, било во тематска или естетска смисла. Филмови кои се издвојуваат со својата храброст, провокативност и конечно, остварувања кои имаат пред сè силен авторски печат.

Мене ме радуваше и натаму ќе ме радува Филмскиот дебатен клуб во најголем број да го посетува млада публика, студенти и млади луѓе кои штотуку завршиле студии и кои што се интересираат за филмот како уметност, а не филмот како индустрија.

Тој знае да каже дека сите, или во најголема мерка филмовите коишто ќе бидат прикажувани, ја имаат „таа зачудна димензија и претставуваат дела за кои од секој аспект може да се развијат плодни дискусии“. Вели дека не случајно публиката ќе има можност да види и потем да дискутира за творби во кои се говори на пример за една од горливите теми кај нас како што е лустрацијата, за корупцијата, тероризмот и слично.

„Влегуваме во некакви поинакви води отколку меинстрим филмската индустрија и кино-репертоарите на постоечкиве кино-сали. Тоа значи дека се ориентирам пред сè на авторскиот филм и мислам дека во тоа е провокацијата и убавината на дебатите по проекциите на филмовите. Одиме всушност со филмови по кои дебатата сама по себе е провокација. И често се случуваше, и се надевам дека ќе се случува во иднина, да имаме различни ставови по однос на различни теми или филмови. Оти сметаме дека е погрешна сентенцата дека за „вкусовите не се расправа“. Напротив, разговорите и различните мислења кои се развиваат по проекциите во рамките на Филмскиот дебатен клуб „Лале“ покажуваат дека само за тоа треба да се дискутира. За вкусовите“, вели тој.

Од друга страна, Галевски, не исклучувајќи ја природно и едукативната улога во делувањето на Дебатниот клуб, си пожелува и натаму нови средби главно со младата публика.

„Мене ме радуваше и натаму ќе ме радува Филмскиот дебатен клуб во најголем број да го посетува млада публика, студенти и млади луѓе кои штотуку завршиле студии и кои што се интересираат за филмот како уметност, а не филмот како индустрија“, вели Галевски.

Проекциите е предвидено да се одржуваат секоја среда во 20 часот во џепното кино во МКЦ, па така до крајот на овој месец, публиката ќе има можност да ги проследи и американската тмурна и клаустофобична приказна од 1952 година на Ричард Флечер - „Тесен премин“, израелскиот „А сега Рај“ што во 2005 го сними режисерот Хану Абу Асад и „Розата на Кавасаки“ од 2009 година на чешкиот резисер Јан Хребејк.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG