Достапни линкови

Јавна и тајна буџетска реалност


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Министерот за финансии знае дека се води лоша економска политика, меѓутоа очигледно е дека тој нема ниту еден пршлен од 'рбетот, нема елементарен морал, очигледно е дека тој повеќе ја сака функцијата, отколку својата чест и честа на неговото семејство, вели поранешниот гувернер на НБРМ Петар Гошев.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, според телефонските разговори што ги објави лидерот на СДСМ Зоран Заев, приватно се согласува со она што со години го зборуваат критичарите за буџетот и за јавните финансии, но јавно го повторува она што веќе со години го зборуваат владините претставници – дека Македонија има едни од најдобрите економски резултати во Европа, дека има раст меѓу најголемите, дека е една од најмалку задолжените земји, невработеноста паѓа, а платите и пензиите се зголемуваат.

Македонската економија и минатата 2014 година имаше втор најдобар резултат во Европа со раст од околу 4 отсто. Сличен резултат, трет најдобар во Европа беше остварен и во 2013 година и во 2011 и во 2010 година.

Заев вчера објави 11 снимени телефонски разговори, меѓу, како што рече, Ставрески и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, кои се однесуваат на ребалансот на буџетот во 2012 година и проекциите на буџетот за 2013 година.

Машки глас: Горде, и да е подобро, ние додаваме, нон-стоп, толку многу трошоци и обврски да не постои нормална земја у светов, Америка да бевме па ќе, немаше да издржиме. Нема седница на Влада, нема седница на Економски совет, сега и тие комитетите ги креиравме, на секое од тие седници доаѓаат креативни идеи што да се прави. Патеки околу ова, патеки околу она, аква паркови... Не знам што праиме. Мислам, ние сме лудаци. Ние сме лудаци. Ова што го правиме е ненормално. Тоа треба да го разбереме дека е ненормално.

Женски глас: Идиотска е состојбава.

Машки глас: Ние сме лудаци. Ние трошиме на чоколада а немаме леб дома, тоа праиме ние.

Сепак, откако Заев ги објави овие разговори, Ставрески излезе на прес-конференција во владата и рече дека разговорите се селективни, надвор од вистинскиот контекст и оти не се дел од реалноста. Тој рече дека при носењето на буџетот е нормално да има несогласувања, но на крај се наоѓа решение за да се задоволат очекувањата на граѓаните. Македонската економија нити е, нити била пред крах вели Ставрески.

Јасно е дека министерот за финансии сето тоа го знае, меѓутоа очигледно е дека тој нема ниту еден пршлен од 'рбетот, нема елементарен морал, очигледно е дека тој повеќе ја сака функцијата, отколку својата чест и честа на неговото семејство.

„Македонската економија и минатата 2014 година имаше втор најдобар резултат во Европа со раст од околу 4 отсто. Сличен резултат, трет најдобар во Европа беше остварен и во 2013 година и во 2011 и во 2010 година. Во годините во коишто имавме пад на економијата и во коишто имаше поголеми предизвици, тоа беа 2009 и 2012 година, тој пад на економијата беше помал отколку во која било друга земја во југоисточна Европа“, рече вчера Ставрески.

Опозицијата и дел од стручната јавност со години предупредуваат дека непродуктивните трошења за споменици и фонтани, а пред сè проектот Скопје 2014 ја празнат државната каса и ја зголемува задолженоста, а тие пари еден ден ќе треба да се враќаат со камата.

Искусниот политичар и поранешен гувернер на НБРМ, Петар Гошев, вели дека Ставрески многу добро знае колку лоша економска политика водат заедно со премиерот и добро знае што следува во наредниот период со вакво неодговорно трошење на јавните пари.

„Јасно е дека министерот за финансии сето тоа го знае, меѓутоа очигледно е дека тој нема ниту еден пршлен од 'рбетот, нема елементарен морал, очигледно е дека тој повеќе ја сака функцијата, отколку својата чест и честа на неговото семејство“, вели Гошев.

Тој вели дека со луѓе кои продолжуваат да ја спроведуваат политиката за која сметаат дека е лудачка, не и се пишува ништо добро на државата.

На почетокот на јуни 2012 година беше изгласан ребаланс на буџетот со кој и приходите и расходите беа намалени за околу 4,5 отсто. Буџетскиот дефицит беше проектиран на 198 милиони евра, односно 2,5 отсто од БДП. Неполни четири месеци подоцна, откако „домашниот есап не излезе на пазар“, наместо нов ребаланс, Ставрески во интервју за МТВ рече дека буџетскиот дефицит ќе биде 3,5 отсто од БДП-то, односно дека владата ќе потроши дополнителни 80 милиони евра што нема да ги прибере од даноци и други давачки. Експертите тогаш критикуваа дека тоа е незаконски, односно дека Ставрески не може да одлучи за зголемување на дефицитот без одлука на Собранието. Дефицитот на крајот на година излезе 288 милиони евра, односно скоро 3,9 отсто од БДП-то.

При носењето на буџетот за наредната година, власта на 24 декември 2012 година ја исфрли опозицијата од Собранието и го донесе буџетот што си го замислила. СДСМ тогаш предлагаше буџетот да се скрати за 204 милиони евра и поднесе околу 1000 амандмани. Власта тогаш предвиде да си „ги пушти нозете надвор од чергата“ за 288 милиони евра, но во ноември направи ребаланс со кој ја прошири буџетската дупка за уште 25 милиони евра, односно повторно на 3,9 отсто од БДП-то.

Минатата година буџетската дупка беше 360 милиони евра, односно 4,3 отсто од БДП, наместо 3,9 отсто како што беше планирано. За годинава се предвидува дефицит од 300 милиони евра, односно 3,5 отсто од БДП-то.

Во исто време, владата предлага уставни измени со кои буџетскиот дефицит треба да се ограничи на 3 отсто од БДП-то.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG