Достапни линкови

Убиството на Немцов ќе остане мистерија?


Во Русија сè повеќе се шират верзии, главно од државните медиуми, дека убиството на рускиот опозициски лидер Борис Немцов било оркестрирано од Западните земји, пред се Соединетите Држави. Вашингтон тоа го отфрла со оценка дека убиството покажува во каква лоша состојба се наоѓа Русија.

Американскиот претседател Барак Обама во интервју за новинската агенција Ројтерс изјави дека нема никаква информација за убиството на Борис Немцов. Тој од руските власти побара целосна истрага и, како што изјави, се надева дека таа би била и независна.

Според Обама, убиството на Немцов е знак за влошување на состојбата со граѓанските права и слободата на медиумите во Русија во изминативе неколку години.

„Ова е индикација за климата внатре во Русија во која граѓанското општество, независните новинари и луѓето кои се обидуваат да комуницираат преку интернет се под закана. Руската јавност може да добие информации само од државно контролираните медиуми“, рече Обама кој со Немцов се сретна за време на неговата посета на Москва во 2009 година.

Некои претставници на Кремљ сугерираат дека тоа го направивме ние за да создадеме некакво незадоволство во политичката структура во Русија. Ние не знаеме кој го стори тоа и според досегашната историја ние никогаш нема да дознаеме.

Педесет и пет годишниот Борис Немцов кој беше убиен на 27 февруари во близина на Кремљ, беше еден од водечките личности на поделената опозиција која се бори повторно да заживее.

Во руските државни медиуми освен вмешаноста на Западот, се сугерира дека зад неговото убиство би можело да биде и самата опозиција во обид од Немцов да направи маченик и со тоа да се обедини поделеното движење.

Немцов стана една од најпознатите опозициски личности кој е убиен за време на 15 годишното владеење на рускиот претседател Владимир Путин.

Опозицијата, пак, смета токму властите биле виновни за смртта на Немцов.

Директорот на американското Национално разузнавање Џејмс Клапер изјави дека нема информации за околностите околу убиството на рускиот активист и оцени дека случајот најверојатно ќе остане мистерија.

„Некои претставници на Кремљ сугерираат дека тоа го направивме ние за да создадеме некакво незадоволство во политичката структура во Русија“, рече Клапер додавајќи дека во таа земја има долга историја на политички убиства.

„Ние не знаеме кој го стори тоа и според досегашната историја ние никогаш нема да дознаеме“, рече Клапер во Советот за надворешни односи во Њујорк.

Запрашан за сегашната руска инволвираност во Украина тој наведе дека е важно да се сфати начинот на кој размислува претседателот Путин.

„Цел број еден на надворешната политика на Русија е да го контролира поранешниот советски простор. Но, не верувам дека ќе има некоја нејзина воена инволвираност на Балтикот. Тоа не значи дека русите нема да вршат шпионажа и пропаганда како на пример во Молдавија“, изјави Директорот на американското Национално разузнавање Џејмс Клапер.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG