Достапни линкови

СДСМ очекува политичка, а не правна разрешница на кризата


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Оваа политичка криза е најверојатно најголемата политичка криза од самостојноста на Македонија, а Никола Груевски секојдневно ја носи земјата во сè подлабока криза. Јас само се надевам дека нема во план да направи некоја беља во Македонија, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Главната одговорност за излез од актуелната политичка криза е во земјата. Странците може да помогнат само со посредништво доколку политичките лидери прифатат, велат експертите.

Политичка, а не правна разрешница очекува лидерот на СДСМ, Зоран Заев за политичката криза во земјата. Тој на денешната прес-конференција на која беше објавена таканаречената шеста бомба за неконтролираното трошење на парите од буџетот на непродуктивни работи, рече дека оваа политичка криза е најголемата досега и секојдневно премиерот Никола Груевски земјата се подлабоко ја внесува во криза.

Јас само се надевам дека нема во план да направи некоја беља во Македонија. Тоа нема да му го дозволиме ниту јас, ниту граѓаните, ниту сите во оваа наша земја. Истовремено решенијата за оваа политичка криза ќе дојдат на повидок.

„Јас само се надевам дека нема во план да направи некоја беља во Македонија. Тоа нема да му го дозволиме ниту јас, ниту граѓаните, ниту сите во оваа наша земја. Истовремено решенијата за оваа политичка криза ќе дојдат на повидок. Верувајте дека и Социјал - демократскиот сојуз и опозицијата ќе ги испорачаат решенијата, важно е дека мора да има политичка разрешница. Правна разрешница од ова ниту ќе има, ниту очекуваме да има. Трпеливо, со доволно време за да ја изнесеме целата вистина пред македонската јавност, а консеквентно на тоа ќе дојдат и политичките решенија“, рече Заев.

Во однос на решенијата кои беа понудени за излез од кризата, Заев вели дека тоа не се анкетните комисии. Еврокомесарот за проширување и добрососедство Јохан Хан предложи помош од Европскиот парламент, италијанскиот амбасадор Ернесто Масимо изјави дека се спремни да испратат европски олеснувач, а лидерот на опозициската ДПА, Мендух Тачи, пак, повика да се формира анкетна комисија, која би ја водел некој од неговата партија.

Излезот од кризата не е на повидок

Експертите велат дека излезот од кризата не е на повидок. Поранешниот министер за надворешни работи и професор Денко Малески, вели дека главната одговорност е во земјата и странците во овој случај многу тешко можат да помогнат, освен со ангажирано посредништво доколку политичките лидери прифатат.

Притисоците коишто државите ќе ги прават врз раководството на Македонија и политичките партии ќе бидат силни, бидејќи и тие се погодени со ова што се случува.

„Притисоците коишто државите ќе ги прават врз раководството на Македонија и политичките партии ќе бидат силни, бидејќи и тие се погодени со ова што се случува, меѓутоа нема пример овие демократски земји да соберат судии или политичари кои би ги испратиле тука да судат место нашите судии, да одлучуваат место нашите политичари дури и кога би сакале тоа да го направат, значи невозможно е“, вели Малески.

Политичкиот аналитичар Арсим Зеколи вели дека определен дел од тие предлози не е спорно дека се добронамерни, но проблемот е колку има политичка волја и констуктивност кај владата и институциите на системот, чиј кредибилтет најблаго кажано е под голема сенка на сомнеж од страна на граѓаните.

„Во овој момент навистина сум скептичен дека е можно какво било придвижување напред, особено поради фактот што целиот фокус сега е свртен кон стекнување сознанија за начинот на кој делувала власта, а сè уште сме далеку од моментот кога интересот ќе биде кон разрешување на оваа состојба на статус кво“, вели Зеколи.

Според Малески, премногу долго во Македонија има ситуација во која власта нема демократска контрола.

„Овој проблем мора сами да го решиме. За да се воспостави таа власт мора да почне една реконструкција на целата државна машинерија, веројатно е најдобро со оставки на главните личности горе во државата, после што би следел договор меѓу партиите, да почне судството нормално да функционира колку што може во овие околности итн. Не знам дека може некое друго решение тука да се издејствува“, вели Малески.

Тој додава дека доколку политичката криза се продлабочува и натаму и има симптоми на сериозен конфликт тогаш нема сомнеж оти западните сојузници ќе интервенираат на начин на кој ќе проценат дека е потребен, но засега се чека да се види што нашите политичари може да решат.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG