Достапни линкови

Белели - Може да пратиме олеснувач, ама кризата треба да ја решите сами


Белели - Може да пратиме олеснувач, ама кризата треба да ја решите сами
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:52 0:00

Белели - Може да пратиме олеснувач, ама кризата треба да ја решите сами

Ние можеме само да дадеме совет, ние сме подготвени и да понудиме помош, ние сме спремни да испратиме европски олеснувач, доколку е потребно, но сопствеништвото треба да биде македонско, ние не можеме да ви кажеме што е најдоброто, ние можеме да ви кажеме дека ако сакате да бидете дел од ЕУ, треба да почитувате одредени правила и тогаш вие ќе одлучувате што ќе правите, вели италијанскиот амбасадор Ернесто Масимо Белели во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Белели, како вие како амбасадор на Италија, која е земја членка на ЕУ, гледате на политичката криза во Македонија поврзана со полициската акција Пуч и аферата прислушување што ја објави опозицијата?

Ние како Италија и генерално, пристапот можам да кажам на сите европски држави е повеќе или помалку ист, ние сме загрижени за ситуацијата, затоа што ние мислиме дека крајната дестинација на Македонија е Европа, каде што треба да биде целиот Балкан. Европа нема да биде комплетна доколку Македонија не е во неа. Така што тоа е фактор што ја дестабилизира државата и го прави потежок патот на државата за влез во ЕУ. Затоа ние сме загрижени, Италија е многу поблиску географски па затоа ние сме и позагрижени.

Лидерот на опозицијата презентира аудио снимки за кои вели дека се докази од прислушувањето кое го правеле луѓе од власта врз над 20 илјади луѓе. Сте имале ли такви или слични искуства во Италија и како сте се справувале со нив?

Во Италија ние прислушуваме, но во теорија тоа е секогаш законски со одобрување на судиите. Ние за жал имавме неколку илјади случаи на официјално прислушување, затоа што ние имаме криминален феномен како мафија и слично, така што во тој сегмент има голема контрола, но се разбира, не како што е во Македонија, и кај нас е легална контрола и треба да биде легално спроведувана во сите земји. Неприфатливо е нелегално прислушување затоа што влијае врз слободата на луѓето, влијае врз владеењето на правото и врз довербата на луѓето во системот.

Хипотетички, како би постапиле италијанските институции при ваква афера со прислушување?

Ако се открие такво нешто, тоа ќе биде ставено под правниот систем, ќе си има судски процес за тоа. Тоа треба да биде првата реакција и тоа треба да биде во теорија исто така реакција на сите земји. Ние повикуваме сите материјали да бидат под контрола на судството, но на транспарентен начин, затоа што проблемот сега е недостаток на доверба.

Опозицијата нема доверба во институциите и вели дека се под контрола на власта. Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ тврди дека опозицијата работи за некакви странски служби. Што би им порачале на власта и на опозицијата, парламентарни комитети, специјални експертски комитети?

Па, јас мислам дека извештајот на Европската унија за напредокот дава јасна слика за тоа што е загрижувачки, државата треба да делува како независно тело, а не како дел во игра, што значи дека државата, владата, судството, не треба да заземаат страна на една или друга партија, затоа што инаку ќе нема доверба. Јас можам да ја разберам загриженоста на опозицијата, во обид да ја врати довербата мора да делува на официјален и институционален начин. Јас мислам дека опозицијата треба да се врати во парламентот и таму да дискутира и владата треба да гарантира транспарентност на целиот систем и независност на судството.

Може ли Италија и ЕУ да помогнат при некаков процес на воспоставување дијалог?

Ние ја нудиме нашата помош, и ЕУ и поединечните земји, исто така Италија е подготвена, ако ни побараат помош, да го сториме тоа. Мислам дека прво треба да има дијалог, без дијалог не е можно да се најде решение меѓу различните компоненти.

Дали над Македонија ќе се воспостави посебен мониторинг од Брисел?

Па, генералната идеја е дека проблемот треба да се реши во државата, процесот е во сопственост на Македонија. Ние можеме само да дадеме совет, ние сме подготвени и да понудиме помош, ние сме спремни да испратиме европски олеснувач, доколку е потребно, но сопствеништвото треба да биде македонско, ние не можеме да ви кажеме што е најдоброто, ние можеме да ви кажеме дека ако сакате да бидете дел од ЕУ, треба да почитувате одредени правила и тогаш вие ќе одлучувате што ќе правите.

Дали можно решение е некаков вид преодна влада која во одреден рок би организирала парламентарни избори?

Па тоа може да биде решение, има неколку можни решенија, но мислам дека сега проблемот е да се врати довербата, она што се забележува од страна на опозицијата е недостиг на доверба, па владата треба да делува од своја страна, да ги стави сите на маса, целата ситуација, со цел да се вратат сите компоненти. Затоа што сега не е само опозицијата која што тврди дека нема доверба, тука е се и албанските политички субјекти. Така што ситуацијата станува се посложена.

Реална ли е опасноста доколку нема наскоро разрешница на политичката криза, Македонија да ја изгуби препораката за преговори од Европската унија?

Се надевам дека ситуацијата ќе биде решена, она што беше речено минатиот пат е да се олесни пристапот кон ЕУ и да се рестартира дијалогот на високо ниво. Која е целта? Нашата цел е овој дијалог е да стартува на кој било начин, може да започне од техничко ниво па да порасне до политичко ниво.

Вие сигурно имате контакти со вашите колеги од дипломатскиот кор. Имате ли некаков коментар на тоа дека наводно меѓу прислушуваните има и странски дипломати?

Па, ние разговаравме со колегите од ЕУ за таква можност, се разбира дека ние немаме никакви докази, бидејќи не сме добиле такво нешто, но кога се сретнавме неодамна со лидерот на главната опозициска партија и тој ми рече дека се прислушувани неколку амбасадори кои се акредитирани тука и неколкумина од тие коишто ја напуштија земјата. Така што, ова не загрижува, бидејќи Виенската конвенција вели дека дипломатите не смее да бидат прислушувани и тоа значи дека и по налог на судиите, дипломатите не може да се прислушуваат. Телефонските разговори се наш алат за работа и да испраќаме пораки во нашите земји, така што ни судиите не може да наложат такво нешто.

Рековте дека сте се сретнале со Заев, дали тој ви кажа дека можеби вашиот телефон е прислушуван?

Тој рече дека неколку телефони од дипломатскиот кор се прислушувани, јас немам доказ и не побарав доказ за тоа, но доколку е точно, се разбира тоа не е фер начин на играње со други земји.

Хипотетички, ако оваа влада го прислушува вашиот телефон, какви мерки може Италија да преземе против таква ситуација?

Па јас не знам, сега зборуваме за хипотези, ние неодамна имавме случаи на повисоко ниво, германската канцеларка беше прислушувана, бразилскиот претседател беше прислушуван, имаше откажани состаноци, имаше политички несогласувања. На политичко ниво беше покажано дека тоа не е вистинскиот пат на движење и тоа е недостиг на доверба меѓу партнерите. Се надевам дека тоа нема да биде случај со Македонија, затоа што за нас владеењето на правото е главна работа.

Според власта, ова е дел од заговорот за промена на името на Македонија. Што мислите за ова и за спорот околу името со Грција кој ја блокира Македонија на патот кон ЕУ и НАТО?

Па, се разбира дека блокирањето на процесот влијае врз внатрешната политика, ние се надеваме како големи поддржувачи на евроатланските интеграции на Македонија, дека процесот ќе се рестартира и ако е можно да се изменаџира паралелен пристап, за да тоа да не го стопира процесот.
Македонија и Италија имаат добри политички односи, но како ја оценувате економската соработка меѓу двете земји?

Минатата година имавме подобрување од седум проценти во билатералната размена. Италија е петта земја партнер на Македонија. Ние мислиме дека размената може да расте многу повеќе, преку сличностите во економиите, кои се базирани врз мали и средни претпријатија. Нашата размена е базирана врз реална размена на стоки и односи и мислам дека перспективата е многу добра, имаме неколку компании кои се заинтересирани да дојдат да инвестираат во Македонија.

Што треба да се преземе за да се подобри таа соработка?

Како што спомнав, италијанската економија е базирана на мали и средни претпријатија, така што ним им е потребно повеќе поддршка и помош тука, затоа што на мултинационалните компании им е полесно да најдат партнер. На малите фирми им треба поголема помош. Затоа мислам дека е потребна поголема помош од македонската страна и поголема поддршка од финансискиот систем, односно банките.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG