Достапни линкови

Заев - Јасно се знае кој прислушувал


Во пресудата за „Пуч“, нема докази за странски служби, вели лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Експертите велат дека има многу нелогичности во целиот случај.

Многу аргументи и докази во процесот што ќе го отвараме ќе потврдат недвосмислено до сите граѓани, кој го правел прислушувањето и со какви намери. Ова денеска го порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев на прес-конференцијата на која беше објавена таканаречената петта бомба во врска со пресудата во случајот Пуч. Според него, има прислушувани разговори и пред 2010 година.

И што друго покажува, покажува дека може секој вработен во МВР да си се конектира на системот, да си впише број кој сака и да си слуша.
Зоран Заев, СДСМ.

„Како тоа некој вработен во полицијата, внел телефонски број на некого и почнал да го слуша од 2009, но како го впишал бројот и почнал да го слуша наназад две-три години е прашањето. Гледате како се колне дека гарантира фер, правично, транспарентно, законско судење, а за 24 часа донесе правосилна пресуда. Што кажува таа пресуда, ако ја прочитавте?! Странски служби, докази за странски служби, нема. И што друго покажува, покажува дека може секој вработен во МВР да си се конектира на системот, да си впише број кој сака и да си слуша.“

Заев - Како се уриваше Космос
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:05 0:00

Многу нелогичности во акцијата „Пуч“

Експерите коментираат дека има многу нелогичности во случајот Пуч, откако беше објавена спогодбата на еден од обвинетите Звонко Костовски, кој го призна делото и доби три години казна затвор. Во пресудата е наведено дека Костовски од 2010 ја користел опремата за прислушување на МВР, а потоа материјалите стигнувале до првообвинетиот Зоран Верушевски. Материјалите Верушевски потоа имал намера да ги предаде на странски служби, а во меѓувреме тие завршиле во рацете на Заев.

Затоа сега не би можело да се каже што е реално, што е вистината, што е објективно, туку сè е во една фаза на некое изнесување на личната, сопствена позиција и овде практично ние немаме објективно судење, немаме оценка на доказите.
Јован Трпеновски, поранешен јавен обвинител.

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски вели дека има многу недоречености, кои се надвор од целата процедура и не може сега да се бара логика во изнесувањето на некои факти.

„Не може да се изнесува нешто што е во фаза на истрага. Со каква веројатност човек може да прифати дека тоа е точно, затоа што се коментира така како што му одговара на тој којшто е засегнат. Затоа сега не би можело да се каже што е реално, што е вистината, што е објективно, туку сè е во една фаза на некое изнесување на личната, сопствена позиција и овде практично ние немаме објективно судење, немаме оценка на доказите“, вели Трпеновски.

Политичкиот аналитичар Насер Зибери вели дека постапката на обвинителството и судот е избрзана и рокот е прекраток за да се разгледаат сите аспекти на случајот и да се обезбедат сите докази.

„Затворањето на овој начин на оваа кривична пријава остава многу дилеми, остава неодговорени многу прашања, дотолку повеќе што за другите обвинети нема никакви индиции во кој правец ќе се одвива постапката“, вели Зибери.

Според Трпеновски, власта сега сака само да помине со формалности дали материјалите се добиени од странска служба или не, што воопшто не прави разлика и суштината не е во тоа.

„Не коментира дали има право некој да прислушува, не коментира како може министер за внатрешни работи да кажува дека некого ќе сотре, ќе брка од работа, дека нема да ги плаќа со пари од институциите, а институциите се финансираат од буџетот којшто го полнат и лицата коишто сака да ги избрка од работа. Според тоа, содржината на она што е досега изнесено воопшто не им одговара и затоа не ја коментираат. Јас мислам дека во целата оваа работа се сака вниманието да се сврти само на некој формален план, а не на суштината“, вели Трпеновски.

Зибери смета дека е важно да се утврди кој прислушувал, но секако дека содржината на разговорите е исто така кривично дело доколку се утврди вмешаноста на властите во аферите. Трпеновски додава дека суштината е дали со ова прислушување и обелоденување на некои разговори е извршено кривично дело и од кого, како и тоа кој ги крши човековите права, а сè останато е дефокусирање на јавноста.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG