Достапни линкови

Неделниците го анализираат прислушувањето


Фокус анализира дали има Груевски план за вонредни мерки?. Република прашува која странска служба прислушувала, а Глобус пишува за патриотите во Движењето за одбрана на татковината.

Топ тема, се разбира, во неделниците е аферата со прислушувањето на илјадници граѓани, официјално таканаречената афера „Пуч“.

„МВР има докази дека Македонија е на удар на странска служба“ изведува свој наслов на насловната Република, покрај фотографијата на премиерот Груевски, а Фокус, со фотографијата на лидерот на СДСМ, го цитира Заев: „Имам сведоци кои ќе ги урнат Груевски и Мијалков!“

Во високи врвови на владејачката партија се разгледувала можноста за превентивно воведување „вонредни мерки“ против обидот за државен удар, нели, од типот на српската „Сабја“ по убиството на премиерот Ѓинѓиќ - цензура на медиумите, забрана на Јутјуб, Фејсбук, ограничување на јавните собири и протести, серија апсења.

Фокус – До крајот и по него

Инаку, Фокус ги анализира сегашниве збиднувања со многу симболичен наслов: „До крајот и по него“ и загатнува: „Има ли Груевски план за вонредни мерки?“

Неделникот поставува вакво прашање врз основа на сознанијата дека во високи врвови на владејачката партија се разгледувала можноста за превентивно воведување „вонредни мерки“ против обидот за државен удар, нели, од типот на српската „Сабја“ по убиството на премиерот Ѓинѓиќ - цензура на медиумите, забрана на Јутјуб, Фејсбук, ограничување на јавните собири и протести, серија апсења...

Неделникот го поткрепува сознанието познавајќи го, како што пишува, психо-политичкиот профил на Груевски, дека тој не само што ќе ја негира автентичноста на снимки што директно ќе му го срушат интегритетот, туку е поверојатно дека сразмерно на интензитетот на „бомбите“ кои ќе му експлодираат в лице, ќе се обиде да ја засили и страховладата.

Методите што биле користени во прислушувањето, а кои пред јавноста ги откри премиерот, наведува неделникот, „укажуваат на странска служба што има свој начин на работа, поинаков од тоа што во минатото го правеле американските служби за кои Сноуден претходно откри како функционирале.

Република- Кој амбасадор ќе биде протеран од Скопје?

„Кој амбасадор ќе биде протеран од Скопје?“, го поставува ова прашање Република , поткрепувајќи го тврдењето на насловната дека МВР имал докази дека Македонија била на удар на странска служба. Методите што биле користени во прислушувањето, а кои пред јавноста ги откри премиерот, наведува неделникот, „укажуваат на странска служба што има свој начин на работа, поинаков од тоа што во минатото го правеле американските служби за кои Сноуден претходно откри како функционирале“. Во текстот, како и во неколкуте други, Република наведува свои тврдења за тоа како наводно работел Верушевски со своите соработници и како го организирал прислушувањето од центарот на Скопје.

Глобус - Полно експерти, а пак ништо не е јасно

Глобус се осврнува на, како што вели - четата патриоти која не може да каже точно барем една реченица каде би се препознала „опасноста по татковината“. Во текстот со наслов: „Полно експерти, а пак ништо не е јасно“, неделникот потсетува дека во таа група патриоти, на пример, е и Ташко Јованов, експертот за собирање пари за споменици, кој смета дека „е добро што отпорот почнува во градот на гемиџиите“, истиот оној град, додава Глобус, каде е погребано малото девојче кое институциите не го пратија да се лекува во странство, бидејќи ќе отворале болница за сколиози во земјава. Во декември годинава де, ама за жал, девојчето почина прерано. „Колку идиотски претстави ни се случуваа во минатата недела. Затоа и имаме толку драматрузи во Движењето за одбрана на татковината“, цинично потсетува Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG