Достапни линкови

Петтата „бомба“ на Заев за уривањето на Космос на Цаноски


Комплексот Космос во изградба.

Комплексот Космос во изградба.

Координирањето на уривањето на објектот Космос на бизнисменот Фијат Цаноски по изборите во 2011 година беше тема на денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ Зоран Заев. Тој објави 9 телефонски разговори меѓу, како што рече, премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, во кои тие разговараат за уривањето и како да се направи што поголема штета со уривањето. Заев рече дека разговорите што денеска ги објавуваат се нови докази со кои се покажуваа вистинското лице на Никола Груевски.

Претседателот на СДСМ вели дека разговорите ја покажуваат суровоста и одмазничкиот порив кај Груевски кој заедно со своите најблиски соработници е подготвен да ги сотре сите што не мислат како него.

Веднаш по затворањето на А1 се урива Космос, што е политичка одмазда врз Фијат Цановски, сват на Велија Рамковски, сопственикот на А1, вели Заев.

„Неспорни се фактите што ги објавуваме пред јавноста. Братучедите неовластено прислушувале користејќи ги државните ресурси, за да имаат контрола врз се во државата, тоа е единствната работа што ги држи на власт“, изјави Заев.

Објектот Космос беше урнат по изборите во 2011 година и затворањето на телевизијата А1. Инаку, Фијат Цаноски му е сват на затворениот сопственик на затворената А1 телевизија Велија Рамкоски. Имено, ќерката на Рамкоски му е сопруга на синот на Фијат Цаноски.

До април 2011 година, партијата ПЕИ на Цаноски беше во коалиција со владејачката ВМРО-ДПМНЕ, но тогаш коалицираше со опозицискиот СДСМ. Четири месеци подоцна беше урнат станбениот објект Космос во скопската населба Ќерамидница што го градеше градежна фирма на Цаноски.

Инаку ова е петта така наречена бомба на СДСМ и за разлика од претходните паузи во објавите доаѓа брзо по четвртата. Во средата на прес конференција Заев објави дека повеќе од сто новинари биле прислушувани од Управата за безбедност и контраразузнавање и пушти шест телефонски разговори преку кои како што рече се докажува суровата и свирепа вистина за тотална контрола што ја имале воспоставено Груевски, Мијалков и уште неколкумина нивни соработници. Премиерот Груевски истиот ден на прес конференција рече дека во изминатиот период Македонија била таргет на странска разузнавачка служба, потпомогната од нивни соработници од земјава кои тоа го правеле за финансиска корист. Откако премиерно беше пуштен разговор во кој се слуша неговиот и гласот на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски, Груевски не сакаше да навлегува во веродостојноста на прислушуваните разговори.

XS
SM
MD
LG