Достапни линкови

Судири во Атина на протестите против Сириза


Десетици демонстранти се судрија со полицијата во центарот на Атина. Вчерашниот протест беше прв откако радикалната левичарска партија Сириза ја презеде власта пред еден месец на предвремените изборите што ги доби на картата на укинување на острите мерки за штедење во земјата.

Околу 450 крајно десничарски демонстранти синоќа протестираа против владата на премиерот Алексис Ципрас која се договори со партнерите во Европската унија на продолжување на програмата за помош за Грција.

Неколку десетици од нив облечени во црно по маршот почнале да кршат излози на продавниците, да фрлаат молотови коктели и да палат автомобили.

Инцидентите, и покрај тоа што не биле од поголеми размери, сепак претставуваат први јавни нареди против левичарската влада. Таа на 25 јануари беше избрана на предвремени избори на ветувањата дека ќе отпише дел од долгот на земјата, ќе ја прекине приватизацијата и ќе ги укине болните мерки за штедење кои доведоа скоро секој четврти Грк да биде без работа.

Во Грција за наредниве денови се најавени и други антивладини протести.

Луѓето не се задоволни со малите плати. Тие не можат состават крај со крај и страдаат во оваа криза за која не се одговорни. Ако им дадете уште 50 или 100 евра тие ќе одат да ги потрошат, што е добро за економијата.

Всушност договорот за продолжување на финансискиот пакет предизвика несогласувања и во самата владејачка партија Сириза, со обвинувања дека владата се повлекува од предизборните ветувања, меѓу кои и главното, ставање крај на програмата за финансиска помош на земјата во вредност од 240 милијарди евра.

Во меѓувреме, грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис изјави дека економските реформи што ги предложи владата и кои ги одобрија европартнерите биле избор на неговата земја.

„Ние немаме догматски поглед на приватизацијата. Секоја приватизација треба да биде договорена одвоено. Дајте ни можност да се стабилизираме и да почнеме да бележиме раст, по што ќе спроведеме реформи бидејќи ние тоа го сакаме, не дека тоа се бара од нас“, вели министерот Варуфакис.

Според него, ќорсокакот во преговорите со европартнерите бил поради нивото на минималната плата во Грција.

„Луѓето не се задоволни со малите плати. Тие не можат состават крај со крај и страдаат во оваа криза за која не се одговорни. Ако им дадете уште 50 или 100 евра тие ќе одат да ги потрошат, што е добро за економијата“, наведува министерот за финансии Варуфакис.

Грција со договорот постигнат деновиве во последен момент доби надеж дека е можно избегнување на банкротот на земјата.

„Одлуката на еврогрупата за четири месечно продолжување на заемот и за одобрување на планот за реформи је намалува неизвесноста и дава на владата можност да ги постигне поставените цели“, оцени гувернерот на Банката на Грција Јанис Стурнарас.

Овој договор треба да биде ратификуван од европските парламенти до 28 февруари.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG