Достапни линкови

ЗНМ го осуди прислушувањето на новинарите


Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска изрази сериозна загриженост и го осуди прислушувањето на новинари, со што, сметаат, е суспендиран правниот поредок на земјата и масовно се кршени основните човекови права и слободи. Од ЗНМ го повикаа Јавното обвинителство сериозно да ги разгледа објавените докази за прислушување на новинари и да покрене соодветни постаки.

На денешната прес-конференција од ЗНМ побараа министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков да поднесат оставка, без разлика кој го нарачал прислушувањето, затоа што, сметаат дека тие се должни да спречат такво кршење на уставните права и слободи на граѓаните.

„Се потврдија ставовите на ЗНМ дека медиумите во Македонија не се слободни и се заложници на интересите на власта и на сопствениците на медиумите, рече Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

Ставот на ЗНМ, нагласи тој, е дека прислушувањето на новинари го компромитира медиумскиот систем во Македонија, а единствен излез е воспоставување нов медиумски систем и нови контролни механизми на политичкиот систем, кој ќе гарантира независност и слобода на медиумите и ќе спречи нивна злоупотреба во иднина од политиката и од бизнисот.

XS
SM
MD
LG