Достапни линкови

Големото враќање на Битолскиот дувачки оркестар


Со дела од класиците Бетовен, Штраус, Соуса, Шуберт, Рубинштајн и други, в недела, на 1 март, во 20 часот, во Центарот за култура во Битола концерт ќе се одржи реобновениот Битолскиот дувачки оркестар. Солист ќе биде тенорот Дејан Тошев, а перформансот не само што оди во прилог на возобновувањето на традицијата на овој тип на музицирање во градот под Пелистер, туку и ја најавува засилената активност на оркестарот со кој раководи професорот Марјан Бакревски.

На Битола овој први март ќе и се случи вистински празник на музиката. Градот на конзулите ќе возобнови уште една своја убава традиција. По долги години отсуство и по првичното претставување на плоштадот Магнолија минатото лето, во недела, во 20 часот, на сцената во во Центарот за култура ќе музицира реоформениот Битолски дувачки оркестар во кој членуваат 25 професионални музичари, долгогодишни членови на бројни национални ансамбли и неколкумина ученици од Средното музичко училиште.

Се одлучивме да почнеме со класична музика. Поточно со концертна маршовска музика. Ние свириме виенска, американска музика. Музика што ја изведуваат тамошните маршовски оркестри што ги имаме слушано и кои бројат двесте, триста луѓе кои постојано концертно настапуваат. Истата таа голема идеја сакаме да ја донесеме овде во Битола, во Македонија.
Марјан Бакревски, раководител.

На програмата на овој прв нивни концерт, на кој како солист ќе настапи тенорот Дејан Тошев кој зад себе има завидна интернационална кариера, се дела од класиците Бетовен, Штраус, Соуса, Шуберт, Рубинштајн, Фуцик и Телке. Со тоа на виделина излегува дека оркестарот, покрај настојбите за враќање на убавата градска традиција, вложува исклучителни напори да ја обмисли и својата опстојба за во иднина.

„Се одлучивме да почнеме со класична музика. Поточно со концертна маршовска музика. Ние свириме виенска, американска музика. Музика што ја изведуваат тамошните маршовски оркестри што ги имаме слушано и кои бројат двесте, триста луѓе кои постојано концертно настапуваат. Истата таа голема идеја сакаме да ја донесеме овде во Битола, во Македонија. Е, сега за натаму да сме здрави и живи. Имаме некои планови за некој поинаков тип на музика но сè уште е рано да се говори за тоа. Битно е што годинава остануваме со овој тип на програма“, вели професор Марјан Бакревски.

Се надеваме дека во Битола оние иницијативи коишто постоеле во 60-те и 70-те години од минатиот век не само што ќе ги обновиме, туку дека ќе ги надградиме и дека тие ќе си добијат соодветна форма.
Борче Димитровски, директор на Центарот за култура во Битола.

За него е познато дека во изминативе години работеше со неколку различни оркестри од САД и од Стариот континент како „Њу ингланд филхармоник“, „Чарлс ривер винд ансамбл“, „Виенер карган мјузик“, „Дорф мјузик Штреберздорф“ и други.

Бакревски појаснува дека очекува Битолскиот дувачки оркестар да се појави на некои од престојните летни културни манифестации и дека гласно се размислува за уште еден поголем концерт во Центарот за култура кој со целата сопствена логистика застана зад идејата за возобновување и на овој градски анасамбл.

И, кога сме веќе тука, да спомнеме дека Борче Димитровски, првиот човек на оваа наша национална установа знае да каже дека трендот на реактивирање што го започнале со Камерниот оркестар - Битола ќе продолжи и со Битолскиот дувачки оркестар.

„Се надеваме дека во Битола оние иницијативи коишто постоеле во 60-те и 70-те години од минатиот век не само што ќе ги обновиме, туку дека ќе ги надградиме и дека тие ќе си добијат соодветна форма. Центарот за култура е местото каде што се случуваат главните музичко-сценски перформанси и настани во градот, така што сосема соодветно место во иднина ќе си имаат и програмата и активностите на Битолскиот дувачки оркестар“, вели Димитровски.

Во контекст на ова, Димитровски забележува дека повеќе од успешно го „преживеале“ и неодамнешниот прв „Земјотрес“ којшто го потпишуваат независните издавачи и бендови и артисти од Македонија, а патем го најавува и претстојниот прв концерт годинава на Камерниот оркестар – Битола кој е предвидено да се одржи на 29 март.

„Ние немаме намера да застанеме, туку продолжуваме со проекти кои што се за различна публика, притоа ставајќи акцент на класичната музика“, потенцира Димитровски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG