Достапни линкови

АИ: Во Македонија ограничена слободата на изразување


Во годишниот извештај за Состојбата со човековите права во светот, објавен денеска, Амнести интернешнал оценува дека во Македонија имало се поголемо ограничување на слободата на изразување. Амнести го осудува срамниот и неефикасен глобален одговор на конфликтите и кршењата на човековите права.

Во извештајот Амнести интернешнал потсетува дека во април лани специјалниот известувач на Обединетите нации го критикувал влошувањето на слободата на изразување, плурализмот и независноста на медиумите во Македонија.

Притоа се прецизира дека владата потрошила еден насто од нејзиниот буџет за огласување во и онака фаворизираните провладини медиуми. Меѓународните организации јавиле и за тоа дека покривањето на изборите било во полза на владејачката партија.

За време на нередите во мај во Скопје полицијата запленила опрема на три медиуми и ги избришала нивните снимки.

Политичарите продолжиле да поднесуваат тужби за клевета против новинарите, а наведен е и случајот со новинарот Томислав Кежаровски кој бил пуштен на домашен притвор по протестите од меѓународни организации.

Исто така се наведува дека властите вршат прекумерно влијание врз полицијата и судството.

Нашиот извештај за оваа година обезбедува прилично шокантни детали за ужасно насилство и кршење на човековите права со кои се соочија цивилите од Сирија до Украина, од Нигерија до Газа. Но, досегашниот одговор беше лош. Ние велиме срамен.

Во извештајот се додава дека односите меѓу Македонците и Албанци остануваат неизвесни. Притоа се спомнуваат протестите во Ѓорче Петров по убиството на едно македонско момче и по пресудата на шестмина Албанци за убиството на пет луѓе во близина на Скопје во 2012 година.

Властите во Македонија, како што се наведува, не успеале да спречат и да заштитат припадници на Ромите, но и на ЛГБТИ заедницата од дискриминаторски напади.

Амнести посочува и на тоа дека по шести пат била одложена препораката на Европската комисија за почеток на преговорите за пристапување на Македонија кон Европската унија.

Што се однесува до светот, Амнести интернешнал соопшти дека 2014 била катастрофална година за милиони луѓе и го осуди, како што оценува, срамниот и неефикасен глобален одговор на конфликтите и кршењата на човековите права од страна на владите и вооружените групи.

„Нашиот извештај за оваа година обезбедува прилично шокантни детали за ужасно насилство и кршење на човековите права со кои се соочија цивилите од Сирија до Украина, од Нигерија до Газа. Но, досегашниот одговор беше лош. Ние велиме срамен, изјави генералниот секретар на Амнести Салил Шети во Лондон, додавајќи дека во тоа своја одговорност има и Советот за безбедност на Обединетите нации.

Насилствата доведоа до една од најстрашните бегалски кризи во историјата, при што бројот на раселените е над 50 милиони.

Амнести бара од владите да запрат да се преправаат дека заштитата на граѓаните е надвор од нивната моќ и да прифатат суштински промени во начинот на кои се справуваат со кризите.

Во извештајот се осудуваат двете страни во конфликтот во источна Украина за ситуацијата со цивилите таму. Се наведува и тоа дека во минатата година вооружени групи вршеле злоупотреби во 35 земји, а како голема опасност се посочуваат милитантите на Исламската држава.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG