Достапни линкови

Министерот Јолевски се сретна со американскиот амбасадор Бејли


Министерот за одбрана, Зоран Јолевски и амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли на денешната средба заклучиле дека Македонија и САД се две пријателски земји со исклучително развиена соработка на полето на одбраната. Соработката претставува несомнен бенефит за развојот на двете земји, но и за зацврстувањето на мирот, слободата и безбедноста во регионот и светот, соопшти Министерството за одбрана.

Министерот Јолевски се заблагодарил за поддршката за членство во Алијансата и посочил дека Македонија е подготвена и „де јуре“ да стане полноправен член на НАТО, имајќи го предвид нивото на реформи и интероперабилност, како и фактот дека припадниците на АРМ во континуитет повеќе од една декада даваат придонес во мировните мисии во Авганистан односно мисијата ИСАФ и новата мисија „Одлучна поддршка“. Во тој контекст, Јолевски додал дека за членството во Алијансата постои политички консензус и поддршка од граѓаните на Република Македонија.

Амбасадорот Бејли високо го оценил нивото на одбранбена соработка меѓу двете земји и истакнал дека САД високо го ценат долгогодишниот придонес и поддршка од Република Македонија на активностите и заложбите на НАТО за воспоставување мир и безбедност во Авганистан, истакнал Бејли.

XS
SM
MD
LG