Достапни линкови

logo-print

Директорката на ФЗО поднесе оставка, граѓаните бараат и од министерот


Граѓани под мотото „Црвен картон за министерот Тодоров“, денеска протестираат против одговорните за случајот со малата Тамара Димовска од Велес која почина, чекајќи го решението од Фондот за здравство за да замине на операција во Турција.

Мирниот протест започна пред Фондот за здравство, а треба да заврши пред Министерството за здравство каде што присутните ќе повикаат на одговорност за смртта на деветгодишното девојче.

Во меѓувреме директорката на Фондот за здравство, Маја Парнаџиева Змејковска на прес конференција си поднесе оставка. Таа наиде на многу критики по смртта на девојчето, поради бавната реакција на Фондот. Парнаџиева Земјковска рече дека оставката ја поднесува поради морални и човечки причини.

Граѓаните кои протестираат, бараат оставка од министерот за здравство, Никола Тодоров, од директорите на Фондот за здравствено осигурување, од членовите на Управниот одбор на ФЗОМ, оставки од членовите на првостепената и второстепената лекарска комисија, а бараат и кривична одговорност за директорите, членовите на Управниот одбор и од првостепената и второстепената лекарска комисија на Фондот за здравствено осигурување, поради несовесно работење во рамки на својата служба.

Потоа бараат да се изберат независни и стручни одговорни лица во Фондот, кои ќе одлучуваат единствено во интерес на граѓаните, без да калкулираат со човечки животи, како и избор на компетентен министер за здравство, кој ќе ги слуша и решава проблемите на пациентите. Понатаму бараат и квалитетен, ефикасен и достапен здравствен систем за сите граѓани, како и еднаков пристап на сите граѓани до потребните здравствени услуги.

Тие велат дека бараат правда за Тамара, но и за сите граѓани, поради тоа што, како што велат, имаме право на живот!

XS
SM
MD
LG