Достапни линкови

САД и Русија жестоко во ОН за конфликтот во Украина


САД и Русија разменија обвинувања на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации главно околу конфликтот во Украина, но и за другите кризи во светот. Во меѓувреме рускиот претседател Владимир Путин изјави дека е малку веројатно да дојде до војна меѓу Русија и Украина.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на специјалната седница на Советот за безбедност изјави дека Советот станал алатка за запечатување на одлуките донесени од западните земји. Тој ги обвини Соединетите држави за, како што рече, „непријатни методи вклучувајќи го и неуставниот државен удар во Украина пред една година“.

Тој исто така оцени дека западните интервенции во Сирија, Либија и Ирак биле кршење на повелбата на Обединетите нации.

„Сето тоа е резултат од напорите да се управува со движењата во светот, да се владее секаде и да се користи воената сила на едностран начин за да се задоволат сопствените интереси“, изјави Лавров.

Русија денес обучува, вооружува и се бори заедно со сепаратистите кои брутално окупираа украинска територија, што е бесрамно кршење на повелбата на Обединетите нации и напад врз суверенитетот на нејзиниот сосед.

Американскиот амбасадор во Светската организација Саманта Пауер, пак, го оцени за лицемерен рускиот повик за поголемо почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

„Русија денес обучува, вооружува и се бори заедно со сепаратистите кои брутално окупираа украинска територија, што е бесрамно кршење на повелбата на Обединетите нации и напад врз суверенитетот на нејзиниот сосед“, рече Пауер.

Украинскиот министер за надворешни работи Павло Климкин изјави дека Москва започнала хибридна војна во неговата земја и додаде дека Киев би можело да побара мировна мисија на Обединетите нации за да помогне во одржување на примирјето во источна Украина.

„Пострашно е тоа што ваквите флагрантни нарушувања се направени од постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации која има посебна одговорност за зачувување на мирот во светот“, изјави Климкин.

Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин во интервју за руската државна телевизија уште еднаш ги отфрли ваквите обвинувања и изрази надеж дека договорите од Минск ќе доведат до нормализација на ситуацијата.

„Договорите од Минск останаа не само како документ што беше изработен од четворицата членови на овој процес, мислам Украина, Русија, Франција и Германија. Тие договори се утврдени во резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации и зедоа форма на меѓународен статут, поддржан од практично целата меѓународна заедница. Јас навистина се надевам дека ова ќе се исполни“, изјави Путин, кој додаде дека е малку веројатно да дојде до војна со Украина, а тоа го оцени како апокалиптично сценарио.

Тој дополни дека ги разбира и генерално им верува на германскиот канцелар Ангела Меркел и на францускиот претседател Франсоа Оланд и оти постојано одржува контакт со украинскиот претседател Петро Порошенко.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG