Достапни линкови

Музичката соба на Поповска на фестивал во Белгија


Македонската уметница Александра Поповска неодамна имаше соло перформанс во рамките на поширокиот проект „Музичка соба“, кој се случува на познатиот Киндер мјуз фестивал што се одржува во Белгија. Проектот е замислен како музичко патување по просториите и ходниците на зградите во кои се одржува и како игра на акустиката со интеракција на публиката која ја сочинуваат деца постари од четири години.

Нејзината музика е обоена со меланхолија и со балкански оган. Тоа е звуковен јазик што го препознаваме, но кој доволно не го разбираме. Мистериозно музичко патување кое не се заборава.

Александра Поповска.
Александра Поповска.

Ова ќе го запишат организаторите на белгискиот „Киндер мјуз фестивал“ за соло перформансот на нашата Александра Поповска кој се одржал во рамките на поширокиот проект „Музичка соба“ на компанијата „Зонзо кампања“, со која таа има петгодишен договор за соработка. Тие појаснуваат дека „нејзината соба“ им ја открива на посетителите специфичната музика на пејачката која што доаѓа од Македонија и која има „прекрасен глас и твори оригинална звуковност“.

Тоа е како еден процес на креација и секогаш е различен бидејќи публиката постојано се менува. Некогаш децата сакаат да бидат вклучени, па секој добива по некој инструмент. Другпат тие се само набљудувачи. Она што и мене ми е предизвик во сето ова е фактот што нема конкретна форма и единствената ограничувачка рамка е само времетраењето. Така што имам слобода да реагирам во моментот..
Александра Поповска, музичар.

Инаку проектот „Музичка соба“ им е наменет на деца постари од четири години, а во 2012 година привлекол повеќе од шест илјади посетители, а компанијата таа година беше добитник на престижната награда YAMA (The Young Audiences Music Awards) што на најиновативните музички проекти за деца им ја доделува тамошната најголема невладина музичка организација за млади – JMI.

Говорејќи за проектот, Поповска знае да каже дека белгиската „Зонзо“ е позната по концертите за деца во неколку опери во светот и која своите продукции по покана ги праќа на одредени фестивали. Дополнува дека таа со нив гостувала во оперите во францускиот Лил и во Брисел и појаснува дека нејзината соработка со нив, всушност, започнала по покана од Вандер ван Рој, поранешен музичар, а сега режисер во единствената опера за млади во Антверпен. Тој пред неколку години ја поканил да учествува во проектот „Century Songs“ кој имал премиера на фестивалот „Ротердамски оперски денови“ во Холандија. Вели дека нему му се бендисал нејзиниот музички свет и специфичниот звуковен јазик кој не секогаш е со конкретен текст. Сметал дека таа треба да осмисли во некаде 20-на минути проект, кој ќе има призвук на старото исконско, на музички јазик кој навидум ќе личи дека е познат но нема да биде и така во сопствената идеја од почетокот на работата на компанијата.

Затоа таа сега со себе на настапите носи широк спектар на инструментариум, од десетици удирачки инструменти, до ајпад, мини контролер со лаптоп, та дури на последниот перформанс понудила и почеток на некаква видео интеракција.

„Тоа е како еден процес на креација и секогаш е различен бидејќи публиката постојано се менува. Некогаш децата сакаат да бидат вклучени, па секој добива по некој инструмент. Другпат тие се само набљудувачи. Она што и мене ми е предизвик во сето ова е фактот што нема конкретна форма и единствената ограничувачка рамка е само времетраењето. Така што имам слобода да реагирам во моментот. Затоа во еден момент ќе се слушнат можеби и сеќавања на некои македонски теми, дали во форма на ритам или како дел од мелодија или дел од текст на песна, меѓутоа сето тоа не е работено како зацртана форма туку како структуирана импровизација“, вели Поповска.

Од друга страна, во последниве две години, Александра Поповска е преокупирана со креирањето на програмата за одделот на популарни жанрови на Музичката академија при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Вели дека им предава на 16 студенти, млади луѓе коишто сакаат да „си го развијат гласот“. Покрај тоа, таа летоска учествуваше во реализацијата на албумот на холандско-унгарскиот состав ВИНСКИ - и на објавениот албум „Зоната на месечевата светлина“ пее на дури пет композиции.

Сепак, од оправдани причини, не тргнала на нивната промотивна европска турнеја бидејќи во меѓувреме ја започнала и соработката со германскиот композитор Морис Шмитат кој побарал од неа да ги отпее вокалите на неколку теми од саундтракот за филмот „Темната рефлексија“ на режисерот Тристан Лорен чија премиера е закажана за во петок, 28 февруари во Лондон.

Родена и израсната во Лебане, соседна Србија, Александра Поповска дипломираше на Музичката академија во Скопје, а специјализираше и магистрираше во Холандија.

Таа на пошироката публика ѝ е позната по членувањето во квартетот на професорот Драган Даутовски чии перформанси поодамна од автентична македонска културна понуда станаа своина и на широката палета на современата „светска музика“. Како уметница што гласот го користи како инструмент и „пионер на она што се нарекува проширена вокална техника“, пак, во изминативе неколку години, Поповска самостојно има потпишано и низа музички проекти и учествуваше на повеќе европски и светски фестивали.

За неа е познато и тоа дека од самиот почеток на кариерата не се држи строго до музичките жанрови. Нејзиниот глас и музика така може да ги слушнете во популарната и рок музиката, онаа инспирирана од македонската традиција, во театарските претстави, документарните филмови, како и современите форми - аудио-визуелните инсталации, експериментите со електронска музика и слично.

Но, тоа и не е сè, таа се пројавува и како визуелна уметница и досега има учествувано на неколку изложби и други културни манифестации претставувајќи ги своите слики, цртежи, дигитални дела, фотографии и инсталации.

Конечно, Александра Поповска во последнава половина декада живее и твори на релација Скопје – Хаг. На почетокот од минатата година таа стана член и на основачкиот одбор на Македонската асоцијација за електро-акустична музика (MEMA) чија основна цел е промоција на овој тип на музика во земјава. Нешто потоа, во рамките на 35-те Денови на македонска музика, беше реализирано и првото издание на фестивалот „Звучни имерзии“ на кое таа претстави и една своја композиција.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG