Достапни линкови

Едногодишно девојче ослепува - Не знаат што ѝ е, а не ја праќаат во странство да откријат


Од почетокот на октомври до средината на ноември, малата Медина Синаноска била хоспитализирано 35 дена на Клиниката за детски болести во Скопје, каде се правеле низа испитувања и на Клиниката за очни болести, но точна дијагноза и терапија нема.

Медина Синаноска, едногодишно девојче од Прилеп, се бори да го зачува видот неколку месеци. Докторите уште во ноември, минатата година откриле дека има тумор, но не можат да утврдат за каков вид тумор се работи и како да се лекува. Според мајката Филизана Алиоска, од почетокот на октомври до средината на ноември, девојчето било хоспитализирано 35 дена на Клиниката за детски болести во Скопје, каде се правеле низа испитувања и на Клиниката за очни болести, но точна дијагноза и терапија нема.

Праќаме во Министерството за здравство што да ми прима девојчето, оти е во мрак, колку иди, толку пропаѓа, ама немаме никаков одговор точен.

Стравувајќи за здравјето на своето дете, мајката ја напуштила болницата и ја почнала битка со институциите, со цел што поскоро да почне лекувањето на девојчето. Од невладината РОМА С.О.С. од Прилеп која и понудила правна помош, испратени се во име на мајката бројни реакции до надлежни инстанци и до Министерството за здравство.

„Праќаме во Министерството за здравство што да ми прима девојчето, оти е во мрак, колку иди, толку пропаѓа, ама немаме никаков одговор точен. Јас си ја барам правдата, детето мое како сите што имаат бела виделина и моето дете да има. Ако не се спремни овде, нека ми дадат да одам на друго место, нека ми потпишат да си заминам каде што треба, да си го лечам моето дете“, вели мајката Филизана.

Во нивните одговори јасно и недвосмислено се забележува дека станува збор за неусогласеност на протоколите, на Клиниката за очни и Клиниката за детски болести, односно одделот за хематологија, според кој, истите не можат да ја утврдат точната дијагноза на малата Медина и со тоа да започне тераписката процедура.

До РОМА С.О.С. пристигнал одговор од Народниот правобранител и од Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

„Во нивните одговори јасно и недвосмислено се забележува дека станува збор за неусогласеност на протоколите, на Клиниката за очни и Клиниката за детски болести, односно одделот за хематологија, според кој, истите не можат да ја утврдат точната дијагноза на малата Медина и со тоа да започне тераписката процедура“, вели Несиме Салиоска, извршен директор на РОМА С.О.С.

Но, и по три месеци, Министерството за здравство не одговорило на барањата на мајката, што поскоро да започне лекувањето на туморот на нејзината едногодишна ќерка.

„До денес немаме добиено конкретни одговори од надлежните институции, но едно е сигурно дека Медина е следната жртва на нашиот нефункционален здравствен систем, на протоколите, процедурите и нехуманоста на здравствените работници во нашите установи“, додава Салиоска.

Од Министерството за здравство се обидовме, но не добивме одговор за овој случај. Од Клиниката за детски болести, пак, потврдуваат дека според конзилиумот од Клиниката за очни болести, болеста најмногу личи на ретинобластом на двете очи. Но, тие не предложиле никаква хируршка интервенција за утврдување на патохистолошката дијагноза, која е неопходна за да се започне со хемотерапија.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG