Достапни линкови

Франција и Германија повикаа да се почитува договорот од Минск


Лидерите на Германија и Франција денеска на заедничка прес-конференција во Париз, говореа за ситуацијата во источна Украина, со цел да се стави крај на борбите во земјата во услови на несигурениот договор за прекин на огнот.

Канцеларката Ангела Меркел и претседателот Франсоа Оланд, кои посредуваа за потпишување на договорот во Минск, рекоа дека имплементирањето на договорот ќе биде тешка задача и дека се убедени повеќе од било кога, дека договорот треба да се спроведе.

Оланд рече дека договорот за прекинување на огнот е прекршен неколку пати и дека сега тој мора да се почитува по линијата на целиот фронт. Францускиот министер за надворешни работи, Лорен Фабиус, рече дека на 3 март ќе се сретне со колегите од Русија, Германија и Украина за да дискутираат за конфликтот.

Борбите меѓу проруските сепаратисти и украинските владини сили и натаму продолжуваат и покрај договорот за прекин на огнот во Минск, постигнат со посредство на Меркел и Оланд.

Во меѓувреме, украинската војска соопшти дека имало гранатирања во текот на ноќта и дека повеќе од 20 руски тенкови, 10 ракетни системи и автобус полн со војници ја поминале украинската граница во последните 24 часа и дека се упатиле кон Новоазовск, источно од стратегискиот крајбрежен град Мариупол, кој е под контрола на владините сили. Оланд рече дека не може да ја потврди оваа инфорамција.

Војската соопшти дека украински позиции биле гранатарирани во текот на ноќта. Сепаратистите исто така рекоа дека имало артилериски напади од страна на украинската војска, вклучително и позиции на аеродромот во Доњецк.

XS
SM
MD
LG