Достапни линкови

Ахмети се сретна со американскиот амбасадор Бејли


Новиот американски амбасадор Џес Бејли, денеска во Тетово се сретна со претседателот на ДУИ Али Ахмети. Од ДУИ соопштија дека соговорниците се заложиле за продолжување на тесната и конструктивна соработка кон остварување на заедничката цел, евроатланската интеграцијата на Македонија. „Албанците се благодарни на улогата на САД и нашата национална евроатлантска определба не се менува“, рекол Ахмети.

Тој посочил дека програмските приоритети на ДУИ остануваат интеграцијата во НАТО, почетокот на преговорите за членство во ЕУ, спроведувањето на Охридскиот договор и одржување на здрави меѓуетнички односи, добрососедски односи, економски развој и социјална заштита.

Во врска со аферата за прислушувањето, Ахмети ја истакнал потребата од што побрзо вклучување на меѓународната заедница во олеснувањето на политичкиот дијалог, како и истрагата и постапката на случајот со аферата со прислушувањето заедно со локалните власти.

„Оваа сериозна загриженост ги стави на тест институциите на државата и демократскиот капацитет, но ова прашање може да се надмине со помош на меѓународната заедница и сериозната посветеност на Брисел“, додал Ахмети.

XS
SM
MD
LG