Достапни линкови

logo-print

Побарувачка има, но не и квалитетно сурово млеко


Има голем дефицит на квалитетно сурово млеко во Македонија.Ние имаме однапред договори кои можеме утре да ги потпишеме за да испорачаме огромна количина на стока во Америка и Канада, вели Златко Најдовски, генерален директор на Битолската млекарница.

Пелагонија, некогаш најразвиениот фармерски регион во земјава и денес се соочува со недостиг на свежо квалитетно млеко, седум години по пропаѓањето на млекарницата Сведмилк, која им должеше на фармерите 3,5 милиони евра, па голем дел од нив ја продадоа стоката. Млекарниците денес се обидуваат да набават што е можно повеќе домашно сурово млеко, зашто побарувачката на квалитетни млечни производи на странските пазари расте.

Квалитетно сурово млеко во Македонија има дефицит, голем дефицит. Ние имаме однапред договори кои можеме утре да ги потпишеме за да испорачаме огромна количина на стока во Америка и Канада. Дефицит имаме на кравско и овчко млеко.

„Квалитетно сурово млеко во Македонија има дефицит, голем дефицит. Ние имаме однапред договори кои можеме утре да ги потпишеме за да испорачаме огромна количина на стока во Америка и Канада. Дефицит имаме на кравско и овчко млеко. Во овој момент доколку имате квалитетен производ, немате проблем со пласман. Западноевропските земји и Америка го држат млечниот пазар“, вели Златко Најдовски, генерален директор на Битолската млекарница.

Со цел да се обезбедат што повеќе количини на домашно млеко, најголемата млекарница во земјава, Битолската, ја субвенционираше набавката на високомлечни крави и лактофризери за чување на млекото.

„1.200 јуници кои беа во вредност околу три милиони евра. Тоа беше инвестиција која однапред ја плати Битолската млекарница, меѓутоа тие не беа поклонети на фармерите, туку ги отплатија преку млекото. Купивме и 350 лактофризери кои беа дадени на реверс и денес се наоѓаат на откупните пунктови на нашите фармери“, додава Најдовски.

Млекарницата од 2.008 година па наваму има пораст од 20 проценти на откуп на сурово млеко, но расти и капацитетот на преработка од 65 милиони литри на 90 милиони литри годишно. Од другите млекарници велат дека и кај нив се бележи пораст во откупот на сирово млеко, но ќе биде потребно уште неколку години континуиран развој за да се постигнат количините на домашна суровина кои постоеле пред десетина години.

На светскиот пазар во последно време расте интересот за овчки производи, па млекарниците планираат да го поттикнат производството на овчко млеко, кое низ годините наназад се намалуваше. Планирана е продажба на над еден милион килограми овчки млечни преработки на американскиот и канадксиот пазар. Затоа во иднина ќе им се помогне на фармерите да ги развијат фармите со овци.

„Им гарантираме перманентен откуп на цело млеко кое ги задоволува стандардите. Мерките понатаму ќе бидат во пренесување на искуства од страна на странски експерти во менаџирање на овчарски фарми, набавување на семенски материјал за вештачко осеменување, делење на разладни уреди кај овчарските фарми“, додаде Најдовски.

Поголемите млекарници во Пелагониско се во сопственост на странски инвеститори.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG