Достапни линкови

Хан бара излез од кризата


Еврокомесарот Јоханес Хан во посета на Македонија.
Еврокомесарот Јоханес Хан во посета на Македонија.

​​Европскиот политичар по средбата со претседателот на СДСМ Зоран Заев во партиското седиште, јавно не коментираше ништо, туку нагласи само дека се обидувале да најдат решение во интерес на земјата.

Во период на сериозна политичка криза комесарот за европска и соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан пристигна во Скопје за да им го престави на македонските политичари планот на Европската унија за решавање на проблемите.

Утринава по средбата со претседателот Ѓорге Иванов, како што соопштија од неговиот кабинет, тој рекол дека може да помогнат за излегување од кризата и дека опозицијата треба да се врати во парламентот и таму да се решаваат сите политички прашања.

Ние се обидуваме да го разрешиме проблемот проактивно, но тоа мора да биде направено од одговорните и тие треба да го почитуваат владеењето на правото.
Јоханес Хан, комесар за европска и соседска политика и преговори за проширување.

Европскиот политичар по средбата со претседателот на СДСМ Зоран Заев во партиското седиште јавно не коментираше ништо, туку нагласи само дека се обидувале да најдат решение во интерес на земјата.

Во соопштението на СДСМ се наведува дека раководството на партијата со Хан разговарале за актуелната политичка ситуација во Македонија и загрозените демократски процеси во државата.

Од партијата соопштуваат дека претседателот на СДСМ најавил оти партијата има законска и морална обврска „Вистината за Македонија“ да ја сподели со граѓаните и тоа ќе го стори.

Тој одбегна поконкретен коментар и по состанокот со вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими, од чиј кабинет соопштија дека главно разговарале за потребата од продолжување на Пристапниот дијалог на високо ниво и за потребните реформи.

Попладнево еврокомесарот имаше средба и со премиерот Никола Груевски со кого разговараше на заеднички ручек во резиденцијата на Европската делегација во Скопје.

Претседателот на собранието Трајко Вељаноски пак на средбата со Хан, како што соопштија од неговиот кабинет, предложил заедничка средба на македонските политички партии со сестринските европски партии по која можеби ќе почнело полека да се работи на враќање на довербата меѓу нив, што било основа за натамошниот дијалог и надминување на несогласувањата.

Вчера од Брисел Хан појасни дека во Македонија ќе се обидат да посредуваат за надминување на политичката криза по примерот со Албанија.

„Затоа јас побарав од претставниците на главните политички партии во Европскиот парламент да направам сличен напор каков што имавме успех во Албанија каде што преставниците на Европскиот парламент, Кукан и Флекештајн успеаа да постигнат договор кој доведе до ситуација опозициската партија да се врати во парламентот и мислам дека тоа е добар пример. Бидејќи го засега парламентот, логично е Европскиот парламент а не комисијата да го направи тоа. Тие се подготвени да го сторат тоа и јас сум среќен и се надевам на успех. Ние се обидуваме да го разрешиме проблемот проактивно, но тоа мора да биде направено од одговорните и тие треба да го почитуваат владеењето на правото” рече Хан.

Минатата година во Албанија Словакот Едуард Кукан кој доаѓа од редот на евроспската десница и Германецот Кнут Флекештајн од европските социјалдемократи посредуваа за разрешување на кризата а опозицијата се врати во парламентот. Во Скопје Хан покрај со државно-владиниот врв се сретна и со лидерите на ДУИ и на ДПА Али Ахмети и Мендух Тачи.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG