Достапни линкови

Дебар го менува урбаниот лик на центарот


Центарот на Дебар ќе се поплочи со чист дебарски камен и градот ќе го добие потребниот изглед на класицизмот, а во другиот дел ќе го има и современиот изглед, вели градоначалникот Ружди Лата.

Градот Дебар по повеќе од шеесет години го менува урбаниот лик на централното градско подрачје. Централната улица која била реконструирана во педесетите години од минатиот век го има изгубено својот изглед и не е во тек со актуелните современи урбани решенија, велат во локалната власт и додаваат дека оваа стара градска населба има потреба од целосна реконструкција на центарот, а градот добива за прв пат и широко шеталиште.

Дебар е единствен град на Балканот каде што се спојуваат културите на исток и запад. Врз основа на ова минато во Дебар продолжуваат овие култури да се спојуваат и со овој проект.
Ружди Лата, градоначалник на Дебар.

„Дебар е единствен град на Балканот каде што се спојуваат културите на исток и запад. Врз основа на ова минато во Дебар продолжуваат овие култури да се спојуваат и со овој проект. Градиме нов центар на Дебар кој опфаќа 5 илјади метри квадратни површина. Ќе има современа инфраструктура со целосно подземно внесување на водоводната и канализациската мрежа, како и телефонските и електричните мрежи. Од друга страна, центарот да кажеме дека ќе се поплочи со чист дебарски камен и градот ќе го добие потребниот изглед на класицизмот, а во другиот дел ќе го има и современиот изглед на градба“, објаснува градоначалникот на општина Дебар Ружди Лата, кој воедно смета дека овој зафат е потреба на времето, бидејќи Дебар треба да биде во тек со современите урбанистички решенија, но имајќи во предвид и одредени свои карактеристики.

Со проектот за уредување на централното градско подрачје се предвидува дел од улицата „Братство Единство“ да биде поплочена со квалитетни камени плочи и тој дел ќе се прогласи за пешачка зона, во која ќе има и одреден режим на сообраќај.
Газменд Цами, градски архитект.

Проектот веќе стартуваше со сечењето на дрворедот засаден пред 65 години, кој веќе имаше големи оштетувања. Градскиот архитект Газменд Цами вели дека урбанистичкото решение е современо, но задржува и одредени карактеристики од минатото. Центарот добива шеталиште и нов изглед, додава тој.

„Со проектот за уредување на централното градско подрачје се предвидува дел од улицата „Братство Единство“ да биде поплочена со квалитетни камени плочи и тој дел ќе се прогласи за пешачка зона, во која ќе има и одреден режим на сообраќај. Вкупната должина на оваа улица – шеталиштето изнесува 270 метри а ширината изнесува од 11 до 18 метри во зависност од местото. Вкупната површина е 5 илјади квадратни метри. Со проектот се предвидува целосна реконструкција на подземните инсталации. Оваа улица ќе има и ново осветлување и поставување на декоративни дрвја“, вели Цами.

Проектот има целосна поддршка на сите членови на Советот, како и од страна на граѓаните. Како партнери во овој значаен урбанистички проект се и сопствениците на бизнис објектите во централната улица, потоа ЈКП „Стандард“ кое ќе врши уредување на водоводната мрежа и канализацијата во централното градско подрачје.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG