Достапни линкови

Поплавите носат опасност од болести


Битолската опозиција бара да не се дозволи по поплавите во Пелагонија да се појават болести од пред половина век. Од Центарот за јавно здравје велат дека се подготвени да дејствуваат, но мора проценувачите на штетите од терен да им достават план кои места и објекти биле поплавени.

Хидрични епидемии, дезинтерија, стомачен тифус и паратифус, лајшманиоза, маларија, подзаборавени болести кои егзистирале во Пелагонија додека била мочуриште, како и заразната жолтица која има инкубација од 40 дена. Ова се само некои од заболувањата кои можат да се појават во регионите што беа загрозени со поплавите во битолско.

Доколку е возможно, технички изводливо, веднаш треба да се почни со дератизација. Со секој изминат ден без дератизација опасноста од нови случаи на туларемија е голема.

Советниците бараат што е можно поскоро да се отпочне со дезинфекција, дезинсекција и дератизација.

„Доколку е возможно, технички изводливо, веднаш треба да се почни со дератизација. Со секој изминат ден без дератизација опасноста од нови случаи на туларемија е голема“, вели Александар Касаповски од ЛДП.

Ќе се мапираат сите стоечки води, бари, мочуришта, кое деновиве ќе биде извршено. Потоа ќе следува ларвицидна дезинсекција во првичната фаза за да ги фатиме ларвите на комарецот, но сето тоа по првичната проценката во март или почетокот на април.

„Една од најгорливите точки е што сè уште имаме села кои не се приклучени на градски водовод. И сега најкритични точки се тие. Понатаму, населението сака да знае дали по поплавите смее да конзумира свеж зеленчук или тој треба да е варен? Тоа во препораките на населението мора да стои. Сега кога ќе имаме наезда од инсекти треба да се плашиме и од лајшманиозата што ја пренесуваат ситни инсекти кои претходно каснале заболено куче скитник“, вели Снежана Стоилова од НСДП.

Од Центарот за јавно здравје велат дека се подготвени да дејствуваат, но мора проценувачите на штетите од терен да им достават план кои места и објекти биле поплавени.

„Првичната дезинфекција врз поплавените објекти не можеме да ја започнеме утре. Ние сме спремни и екипирани, но треба да добиеме листа со информации на објекти кои беа поплавени од Комисијата за проценка на штети“, вели Тони Коњановски, епидемиолог во Центарот за јавно здравје.

Тој додава дека ќе се спроведе дератизација на канализациониот систем, депонијата Мегленци и делови од отворените површини.

„Се надевам дека благовремено ќе се интервенира“, вели тој.

Дезинсекцијата ќе започне од март.

„Ќе се мапираат сите стоечки води, бари, мочуришта, кое деновиве ќе биде извршено. Потоа ќе следува ларвицидна дезинсекција во првичната фаза за да ги фатиме ларвите на комарецот, но сето тоа по првичната проценката во март или почетокот на април“, додава Коњановски.

Проценувањето и пријавувањето на штетите до Првостепената владина комисија законски трае два месеца, но можно е службите да бидат поажурни, па податоците да се достават порано со цел да се отпочнат постапки за спречување на последици од поплавите.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG