Достапни линкови

Евро комесарот Хан бара излез од кризата во Македонија


Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување,Јоханес Хан.

На средбата, според соопштението од кабинетот на Иванов, било разговарано за интеграцискиот процес на Република Македонија во Европската унија, за унапредувањето на добрососедските односи, како и за актуелните случувања во земјава.

Претседателот Иванов укажал дека предолгото чекање за следниот исчекор во евро-атлантските интеграции, предизвикува фрустрации во нашето општество, нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи.

Во однос на последните случувања во Република Македонија, претседателот Иванов порача политичките субјекти да се однесуваат разумно и одговорно, во согласност со интересите на граѓаните и државата.

Комесарот Хан, изрази надеж дека Република Македонија ќе продолжи со реформските процеси и што поскоро ќе ги почне преговорите за членство во Европската Унија.

„ Тука сум за да помогнам да се најде излез од политичката состојба. Опозицијата да се врати во парламентот, и таму да се решаваат сите политички прашања“, порача комесарот Хан.

XS
SM
MD
LG