Достапни линкови

logo-print

Египет бара меѓународна интервенција во Либија


Египет ја повика меѓународната заедница да интервенира против милитантите на Исламската држава во Либија кои обезглавија 21 египетски христијанин. Египетската војска вчера почна да бомбардира позиции на милитантите во Либија како одговор на обезглавувањето на египетските Копти.

Претседателот на Египет Абдел Фатах ал Сиси оцени дека она што се случува во Либија е закана за светскиот мир и безбедност.

Тој за ова прашање телефонски разговарал со францускиот претседател Франсоа Оланд и со италијанскиот премиер Матео Ренци и побара од Советот за безбедност на Обединетите нации, како и од меѓународната коалиција предводена од Соединетите Држави, која врши воздушни напади против исламистите во Ирак и Сирија, да преземе мерки против милитантите.

Египетската војска вчера изврши серија воздушни напади врз позиции на милитантите во Либија како одговор на обезглавувањето на египетските Копти, работници кои во изминативе месеци беа киднапирани во Либија.

Она што денес го гледаме во Либија е двојна закана: распад на земјата и инфилтрирање и владеење на милитантите на Исламската држава.

Овие напади врз градот Дерна, кој се смета за база на џихадистите, биле поддржани од меѓународно признатата либиска влада која, откако ја изгуби контролата врз главниот град Триполи, е сместена во Тобрук.

Самопрогласената либиска влада со седиште во Триполи, која има поддршка од некои исламски групи, оцени дека воздушните напади биле напад врз суверенитетот на Либија. Прецизирано е дека притоа загинале и три деца.

Од падот на либискиот лидер Муамер ел Гадафи во 2011 година, земјата е во хаос и се појавија голем број исламски групи.

Неодамна некои од нив соопштија дека се поврзани со милитантите на Исламската држава и најавија напади со цел да ја интензивираат нивната кампања.

Посматрачите оценуваат дека постои слаб меѓународен интерес за воена интервенција во Либија и оти акцент се става врз политичко и дипломатско решение за проблемите во таа земја.

Либија претставува проблем и за Европа со оглед на се поголемиот број луѓе кои преку Медитеранот се обидуваат да емигрираат главно во Италија.

Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини најави дека наскоро, за евентуална акција во Либија, ќе разговара со американскиот државен секретар Џон Кери.

„Она што денес го гледаме во Либија е двојна закана: распад на земјата и инфилтрирање и владеење на милитантите на Исламската држава“, рече Могерини.

Египетските воени власти најавија дека ќе продолжат да ги бомбардираат позициите на џихадистите кои на видео снимката со обезглавувањето на египетските Копти се претставија како „Исламска држава, провинција Триполи“.

Во Египет расте гневот не само меѓу христијаните, туку и меѓу муслиманите поради масовното убиство на египетските копти.

Каиро веќе се бори против исламските екстремисти на Синајскиот Полуостров кои прогласија лојалност спрема Исламската држава.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG